За да се надмине политичката криза потребна е преодна влада и ослободување на две клучни институции кои би ја презеле аферата со прислушувањето, тоа се јавното обвинителство и судството, смета професорот по меѓународно право, Љубомир Фрчковски, кој денеска учествуваше на отворената дебата меѓу неколкумина интелектуалци за можните излези од политичкиот ќорсокак во земјава. Според професорот, Македонија е во таква криза која во иднина ќе се учи во учебниците поради заокружувањето на систем на државно уредување кој го нарече хибриден авторитарен популизам.
Како што вели Фрчковски карактеристика на ваквиот систем е целосен колапс на институциите и доведување на државата во предполитичка фаза.
– Оваа фаза се карактеризира со две линии на организација. Едната линија ја претставува идеологијата на лажни сеќавања за големината на нацијата, континуирана мобилизација од внатре која прави од нацијата единство под страв. Втората линија е узурпација на институциите преку гола сила – вели тој.
Фазата на надминување на кризата, вели професорот, бара посебна транзиција која треба да подразбира преодна Влада и ослободување на барем две институции.
– Оставки не се доволни, потребна е демисија на политичката елита, расшрафување на султанската партија која ова го менаџира. Но прво политички договор како почетен тригер, а тој политички договор треба да вклучи барем две институции кои мора да ја преземат аферата со прислушувањето, аферата која ја разоткри кризата. Интересно е тоа што идеологијата е многу силна во овие моменти на криза, па се држат до она „не верувајте на своите очи и уши туку на она што јас ви го зборам“ – посочува професорот.
Тој издвојува две светли моменти кои се појавија во овие услови на криза. Првиот е движењето на студентите, а вториот е етничкото зближување меѓу Македонците и Албанците.
– Ова не е политичка реторика, меѓуетничката коалиција е најсилна до сега во независна Македонија, и тоа на вистинската тема, во борбата за демократија, за основни човекови слободи и права и пристојна држава. Таа коалиција е независна од моментална владејачка коалиција и претставува основа на која може да се потпре транзицијата. Претставува граѓанска коалиција поставена на здрави основи. Никогаш меѓуетничките односи не биле подобро поставени – вели Фрчковски.
Маја Васева