Младинскиот одбор за образование денеска ја повлече поканата до Хашим Тачи за учество на конференцијата за Европската интеграција на Западниот Балкан: Заедно можеме подобро, што треба да се одржи на 24 април во Белград, соопштија од одборот.
Од таму тврдат дека тоа го направиле под притисок и закани кои, како што велат, им биле упатени во изминатите денови, а кои тие ги сфатиле многу сериозно.
Наведуваат дека имаат доверба дека надлежните институции својата работа ќе ја работат одговорно и дека ќе постапат по поднесените кривични пријави.
-Откако во медиумите беше објавена работната верзија од агендата трпевме силни политички притисоци и закани од различни организации и поединци во намерата да не дојде до најавената средба, се наведува во соопштението.
Тие тврдат и дека разбираат дека е прерано за ваков вид средби, но жалат заради испуштената шанса да се испрати силна порака за потребата земјите од регионот поцврсто да соработуваат на патот кон европските интеграции.