Младински туризам, голем потенцијал за регионот

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

Земјите на Западен Балкан, поради својата богата историја и прекрасните предели претставуваат одлична дестинација за млади туристи од целиот свет, наведоа експерти од регионот, што е голем потенцијал за развој на балканските стопанства.

Тери Џоберт, директор на Green Visions, компанија која нуди услуги за екотуризам во Босна и Херцеговина од 2000 година, наведе дека БиХ и другите земји на поранешна Југославија имаат одлична понуда која ги привлекува младите туристи и кои со години доаѓаат во овие краишта за да уживаат во планинарење, рафтинг, брдски велосипедизам, т.е. во филмските и музичките фестивали, како и во ноќниот живот.

– Нашите луѓе се отворени кон туристите, друштвени се и гостопримливи, што им се допаѓа на странските гости.

Различните култури, различните обичаи и прекрасната архитектура во овој дел од светот ја привлекоа 30 годишната Зузана Мачурова од словачкиот главен град Братислава.

Нејзината пријателка Габриела Брестичова додава дека е голем љубител на земјите од Западен Балкан.

Страствена планинарка, 27 годишната Брестичова претходните години ги посетила Србија, Црна Гора и Албанија, а оваа година на ред дошла Босна и Херцеговина. Како што вели, во сите земји остануваат по еден месец и повеќе во приватно сместување, за да можат да уживаат во прекрасната природа и локалната понуда.

Единствени сеќавања

– Земјите во Западна Европа се убави, но откако ќе ја посетите Данска, Франција, Германија… сите некако се стопуваат во една слика, нема нешто што се издвојува. Но, кога патувам на исток – Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, БиХ… секогаш гледам различни предели кои секој град го издвојуваат и остануваат во сеќавање – наведе Брестичова.

Според неа, луѓето во овој дел од светот имаат душа, не се пластични, туку вистински. А сите се пријателски настроени.

Професорот Мато Бартолучи од Економскиот факултет во Загреб вели дека истражувањата покажуваат дека младинскиот туризам е посебен вид на туризам, кој има тенденција на постојан раст, посебно во европските земји.

Тој раст е последица на се поголемата глобализација, користењето на социјалните мрежи, потребата за учење, како и запознавање на странски култури и обичаи, додаде Бартолучи.

Професорот на Економскиот факултет наведе дека стопанското значење на младинскиот туризам е значајно за секоја рецептивна туристичка земја, посебно за Хрватска и земјите во регионот, кои го развиваат туризмот и кај кои тој има важна улога.

Бројни понуди

Јован Драгиќ од организацијата Serbia4Youth, посветена на младинскиот туризам, вели дека младите туристи во Србија, но и во регионот, најмногу ги привлекуваат содржини поврзани за одмор и рекреација во природна околина, на планини, реки, езера, забави и посети на настани, како и запознавање на културно-историското наследство.

– Во Србија, тука секако на прво место е нашиот главен град Белград, кој се сврствува меѓу најпопуларните дестинации кои младите од светот сакаат да ја посетат, а најчести причини поради кои тоа го прават се ноќниот живот, културно-забавните настани и прославите за Нова година.

Драгиќ додава дека младите, во случај да бидат задоволни од она што го доживеале, ќе имаат желба повторно да дојдат, и што е најважно на своите пријатели ќе им ги препорачаат земјите кои ги посетиле и ќе ги земат со себе идниот пат, што ќе ја зголеми и популаризира таа понуда.

Со оглед на тоа дека младите се најперспективни гости, имаат многу поголема важност од моменталната туристичка потрошувачка, па се исплати да се инвестира во младинскиот туризам, оцени проф. Бартолучи.

Од Serbia4Youth наведоа податоци од Светската туристичка организација, кои покажуваат дека младите туристи на дестинациите остануваат подолго и трошат повеќе од просечните туристи.

Важноста на туризмот

Бартолучи додава дека туризмот е од исклучителна важност во економскиот развој на Хрватска, каде тој сектор создава 16 до 20 отсто од БДП. Колку младинскиот туризам е важен за таа земја покажуваат податоците дека младите чинат околу 20 отсто од вкупниот број на туристи во приморскиот дел на Хрватска.

Искуствата на Green Visions покажуваат дека младите туристи се враќаат во регионот по првата посета, а често со себе носат пријатели и роднини, наведе Тери Џуберт. – БиХ е евтина земја, што им се допаѓа на странците. Покрај тоа, земјите од регионот се мали, така во едно патување туристите имаат можност да посетат повеќе дестинации. А бидејќи се наоѓаме во Европа, на туристите од Европа не им е тешко да дојдат.

Иако БиХ има голем потенцијал за развој на младинскиот туризам, властите се слаби на промоцијата на таа стопанска гранка, оцени директорот на Green Visions.

Според неговите зборови, во власта се главно луѓе кои размислуваат старомодно и не се свесни во кој правец се движи туризмот во светот, кои се можностите од младинскиот туризам и како да се пристапи на младите патници.

Промена на имиџот

Најголем предизвик на туристичките работници е тоа што многумина во светот сметаат дека во БиХ траат судири кои се завршени пред 20 години, а државата малку прави за да го промени имиџот на земјата на глобално ниво.

– Под итно треба да се промени свеста кај луѓето во министерствата, за да се работи на маркетинг и ПР на земјата, бидејќи целата таа работа останува на приватниот сектор и невладините организации.

Освен проблемите со маркетингот, Џуберт ги истакна проблемите со транспортот. – БиХ има лошо решен железнички сообраќај, а нема доволно ни ефтини летови за оваа земја. Тоа е важно да се реши, бидејќи младите сакаат да патуваат со воз или ефтино да летаат. Постои можност за доаѓање со автобус, но тоа за многумина е премногу напорно и предолго.

Проблеми со инфраструктурата има и Србија, наведе Петар Славковиќ од Serbia4Youth и додаде дека и во Србија државата треба да поработи повеќе на маркетингот и промоцијата на младинскиот туризам.

– Многу е важно да се следат вистинските канали на маркетингот и промоцијата. Принтот полека оди во историјата, додека се поголемо значење има онлајн маркетингот.

Професорот Бартолучи смета дека во Хрватска премалку се вложува во промотивни активности, кои би дале поголема можност за престој на младите.

– Во Република Хрватска Министерството за туризам и Хрватската туристичка заедница вложуваат во промоција на туризмот, но недоволно кога во прашање се младите.