– Јас и колешката Силјановска (која нема ФБ профил, па ме замоли и во нејзино име да го напишам ова), го повикуваме лидерот на СДСМ, Зоран Заев и потпретседателката Радмила Шекеринска и другите кои се во тимот на партијата и кои имаат увид во снимените материјали и ги обработуваат, веднаш да објават сe што имаат како инкриминирачки материјал за нас две, а кој се однесува на нашата наводна соработка со ВМРО-ДПМНЕ. По секоја бомба, има колатерални жртви – некогаш се тоа бранители, некогаш сопруги, а сега и „некои професорки“ за кои медиумите утврдија дека сме тоа ние две… Вакво клеветење во медиумите е нешто што тешко го нарушува нашиот личен углед, но и професорскиот углед пред студентите и колегите од академската заедница. Се разбира, за медиумот ќе покренеме правна процедура за клевета, но доблесно би било СДСМ да даде информации дали поседува разговори кои не ставаат во соработничка положба со КОЈА БИЛО политичка партија и на тој начин да ги запре шпекулациите кои кружат во јавноста – напиша професорката Билјана Ванковска на својот фејсбук профил.
Оваа реакција на професорките Ванковска и Силјановска е за Саботажата на Среќко Поповски во која тој го пренесува делот од разговорот на Јанкуловска во која таа вели дека не е фер „комуњарката Ременски“ да биде избрана за продекан, а како што тврди гласот за кој СДСМ вели дека е на Јанкуловска, професорки на полноќ ги дигале од кревет кога беше уапсен газдата на А1 Велија Рамкоски.
Тие, според министерката се ставиле „на изволте“ да ја бранат власта во вонредната пополноќна емисија – отворено студио во живо, на провладината тв Канал 5.
Во студито на телевизијата ноќта беше професорката Ванковска, а телефонски беше вклучена во програмата и другата професорка од правниот факултет Гордана Силјановска.
И двете во нивниот настап се ставија во одбрана на потегот на владата за полицискиот упад во А1 и го оправдаа.
