Снежните врнежи кои го зафатија западниот регион од Македонија, го отежнаа одвивањето на сообраќајот по регионалните и магистралните патни правци. На регионалниот патен правец од Маврови Анови кон Дебар има четириесетина заглавени возила.
Од 15 часот заради големи количества на снег на коловозот, воведена е забрана за движење на сите видови возила на патниот правец кон Дебар, преку Маврови Анови, а кон Кичево преку Стража, но и на Пресека има забрана за движење на тешки товарни возила.
Според информациите од СВР Тетово, на делницата од брана во Маврово до селото Трница заради големите количества снег, блокирани се двесетина автомобили, комбиња, а кај браната во близина на Маврови Анови, во снегот заглавени се петнасетина автомобили и еден автобус со патници.
Екипи на Македонија Пат се упатени да интервенираат во расчистување на снегот од коловозите, кој од утрово интезивно и засилено паѓа. Според проценките на службите, снежната покривка на одредени места се движи од 30 до 40 сантиметри.
Во реканско-мавровскиот крај има прекини во снабдувањето со електрична енергија, а во тетовска Брвеница заради снегот, одложен е и фудбласки натпревар.