Ден на жалост во Крива Паланка

Од:

Советот на општина Крива Паланка на вонредната седница одржана вчера донесе одлука со која 5. април го прогласува за ден на жалост во Крива Паланка, по повод трагичната смрт на нивната сограѓанка Фросина Цековска.

– По повод трагичната смрт на младата Кривопаланчанка Фросина Цековска која во петокот го загуби животот во сообраќајна несреќа во Скопје, недела 5 април се прогласува за Ден на жалост во општина Крива Паланка. Во име на градоначалникот на Крива Паланка и од име на советниците на општината во знак на почит кон прерано починатата Фросина Цековска и нејзиното семејство, упатуваме сочувство, а 5 април е прогласен за ден на жалост, изјави Борче Стојчевски, претседател на Советот на општина Крива Паланка.

Знамињата во општината се истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации закажани на територијата на општината се одложени.

Угостителските објекти кои се на територијата на општина Крива Паланка ќе емитуваат сериозна музика.

Младата, 19-годишна Фросина Цековска беше талентирана студентка, бруцош на Електро-техничкиот факултет во Скопје. Цековска трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи на улица Партизанска во Скопје, на 3 април 2015.