Новинарката Јасминка Аневска на својот Фејсбук профил напиша дека стои зад црвениот телефон, но и на ставот за нејзините прашања до премиерот кои беа повлечени од прилогот по интервенција на директорот на Телма.
-Стојам зад секое затворање на телефонот,иако не беше лично мој. Не се согласувам со оценката на куќата за моите прашања до премиерот и јас од мојот став не се повлекувам.
Сепак, мислам дека преголем е товарот што се сака да се стави на моите плеќи, напиша Аневска, мислејќи на тие што се разочараа што не го поставила таа телефонот и што прифатила да учествува во кампањата на телевизијата, наместо самата да го изрази бунтот за забранетите прашања.
Синоќа таа на вестите го почна проектот со црвениот телефон кој е смислен од маркетинг агенција и кој треба да упати порака до сите дека не се прифаќаат нарачани текстови и притисок врз телевизијата.
Подоцна на социјалните мрежи следеше расправа зошто биле тргнати прашањата до премиерот од вестите, а директорот на Телма, Атанас Кировски напиша дека тој оценил дека така требало да се постапи и дека прашањата не биле битни, туку одговорот на премиерот.
-Јас лично кажав да се извадат прашањата на Јасминка. Тоа е уредувачка политика на телевизијата. Не беше сокриена информацијата, прилогот беше премонтиран, напиша Кировски во полемика синоќа на Фејсбук. Многумина во овој потег видоа цензура, и беа на мислење дека прашањата до премиерот биле битни да се слушнат.