Ахмети: Брисел да делегира политички и експертски тим во државава

Од:

Претседателот на ДУИ Али Ахмети денеска во Амбасадата на Германија во Скопје се сретна со делегацијата на парламентарната група за соработка со Југоисточна Европа при Бундестагот предводена од пратеникот Петар Вајс, како и со амбасадорката Кристине Алтхаузер.

Ахмети на средбата исто така истакнал дека „местото на СДСМ е во Собранието каде ќе најдат партнер во ДУИ“ и оти по објавувањето на случајот „Пуч“, Брисел што поскоро треба да делегира силен политички и експертски тим во државава.

Како што се наведува во соопштението од партијата, германските пратеници биле заинтересирани за спроведувањето на Охридскиот договор, меѓуетничките односи, прашањето за името, политичкиот дијалог, како и случајот со прислушување.

Лидерот на ДУИ на средбата побарал заложби од Германија за заедничка средба на македонскиот и грчкиот премиер со цел надминување на прашањето за името.

– Ахмети нагласи дека Македонија ја чека уште многу работа во однос на владеењето на правото, борбата против корупција, слободата на медиумите итн, но иако ги исполни сите овиe услови, без решавање на спорот со Грција, нема да се зачлени во НАТО ниту да започне преговори со ЕУ. Затоа улогата на Германија, започната со конференција во Берлин минатата година, треба да биде клучна за седнување на зедничка маса на премиерите Груевски и Ципрас за решавање на ова прашање што е можно поскоро, се наведува во соопштението.

Извор: Мета