ФОТО: Автобус со патници ноќеска заглави на превојот Буково

Од:

Автобус кој превезувал 50-тина патници преку Битола до Охрид, заглавил ноќеска на патот Ресен-Охрид кај Буково, поради застој во сообраќајот што го предизвикал излизган шлепер.

– Застојот на автобусот е резултат на лизгањето на шлеперот кој го блокира сообраќајот, а зад него останаа уште неколку други шлепери, автобус и автомобили. Лесните патнички возила успеаја да го поминат патот на кој имаше застој во сообраќајот од ноќеска во 2 часот и 30 минути до утрото во 7 часот и 15 минути. Автобусот со патници дури потоа успеа да тргне кон Охрид, изјави раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи во Охрид, Митко Темелковски.

Според Темелковски, според пријавите кои ноќеска стигнале во Центарот, шлеперот кој го блокирал патот превезувал тешки метални предмети.

– Чистењето на патниот правец од Ресен преку Буково се’ до Прентов Мост е обврска на подрачната единица на јавното претпријатие „Македонија пат“ од Ресен. Што се однесува до патниот правец од Прентов Мост до Охрид кој е во надлежност на охридската секција на претпријатието, тој беше прооден и ноќеска. Охридските екипи имаа пуштено соодветна механизација и на регионалниот патен правец кон Република Албанија, од Охрид до Свети Наум, додава Темелковски.