Ник Клег: Поубав сум од Дејвид Камерон

Од:

Британскиот заменик-премиер Ник Клег изјави дека тој е „поубавата половина“ во сегашната владина коалиција.

Во интервју за едно лондонско радио, Клег изјави дека дилемата за тоа дали е поубав премиерот или неговиот заменик, всушност треба да му се припише на американскиот претседател Барак Обама, но потврди дека рекол оти „претседателот на САД е во право“.

Лондонските весници посочија дека станува збор за една изјава на Обама од пред 1,5 година, за време на самитот на групата Г8 во Велика Британија. Во моментот кога Клег влегол во просторијата каде веќе разговарале Обама и британскиот премиер Дејвид Камерон, американскиот претседател дофрлил: „Добро е да се види поубавата половина на британската коалиција“.

Ваквата изјава на Обама беше објавена веднаш по Самитот, но Клег сега ја актуелизира со тврдењето дека „нема ништо неточно“ во зборовите на преетседатрелот на САД.

Весниците блиски до конзервативците на Камерон, зајадливо ја проследија изјавата на Клег дека „Обама е во право“, потсетувајќи дека не е прв пат британскиот вице-премиер да се фали со својот изглед.

Во едно интервју од 2008 година, кога тој и неговата партија беа во опозиција, Клег се пофали дека во својот живот „спиел со 30 жени“.

Шеговитата изјава околу тоа кој е поубав доби и политичка тежона, затоа што доаѓа на само стотина денови пред мајските парламентарни избори во Велика Британија.

Камерон и Конзервативната партија успеаја да ја повратат позицијата кај гласалите и сега се изедначени со опозициските лабуристи на Ед Милибанд, кои долго беа во предност, додека Клег и неговите Либерални демократи остануваат и натаму несимпатични кај Британците.

Позицијата на Клег и неговата партија е далеку понеповолна. Традиционалните либералдемократски гласачи не можат да му простат што по изборите во 2010 година, направи коалиција со Камерон и ториевците, кои тие ја сметаат за „неприродна“, додека младите и посебно студентите, му свртеа грб, по неговата поддршка за високите давачки за студирање.

Сегашните мерења на јавното мислење покажуваат дека Клег и неговата партија се зад анти-ЕУ партијата УКИП и се соочуваат со „изборна катастрофа“, па потсетувањето на една стара изјава на Обама за тоа кој е поубав во коалицијата, може да повлијае кај гласачите, посебно кај женското гласачко тело.