Брисел: Лицата уапсени во Грција немаат врска со џихадистичката група од Белгија

Од:

Белгиските власти соопштија синоќа дека од досегашните информации добиени од Атина не може да се заклучи дека лицата, кои вчера беа уапсени во Грција се поврзани со џихадистичката групација во Белгија, која планирала напади и чии планови беа осуетени во четвртокот во операција во белгискиот град Вервие.

Претходно вчера грчката полиција соопшти дека уапсила четири лица на барање на Европол, меѓу кои како што се тврди е и лидерот на исламистичка група во Белгија. Уапсените се Мароканци.

Полицискиот оддел за борба против тероризмот се обидува да дознае дали меѓу задржаните е Абделхамид Абауд, Белгиецот со мароканско потекло, идентификуван од белгиските медиуми како мозокот на планираните напади, кои беа осуетени во операција во белгискиот град Вервие во четвртокот.

Апсењата се извршени вчера во попладнените часови во централниот атински кварт Панграти, изјави претставник на полицијата, без да прецизира од кога и како се знаело за местото на кое се наоѓаат осомничените. Во операцијата им се одземени мобилните телефони.

– Истрагата зпродолжува. Ние сме во контакт со Белгијците, изјави претставник на полицијата, но по првичните проверки во Брисел според федералниот обвинител Ерик ван дер Сипт нема поврзаност меѓу овие два случаи.