Карлос Шакал за Ал Џезира: Ме продадоа за милиони долари

Од:

Венецуелскиот затвореник во Франција Илич Рамирез Санчез познат како Карлос Шакал ја обвинува владата на Судан за предавство и негово испорачување за пари и потенцира дека никогаш во животот не убил никого за интересите на некоја влада, истакнувајќи дека неговиот револуционерен дух, како што го нарече, и понатаму ќе гори.

Карлос спаѓа во редот на најистакнатите личности на тајните политички операции во светот во втората половина на 20 век, на врвот на Студената војна меѓу Западот и источниот блок. Мислењата за него се поделени. Според тоа што го тврди Карлос и неговите симпатизери, акциите кои ги спроведувал претставуваат револуционерни операции, меѓу кои најпозната е киднапирањето на 11 министри за нафта на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК, во Виена во 1975 година.

Западот смета дека тој е платен терорист, кој врши ладнокрвни убиства и киднаперства, за пари.

Карлос во телефонски разговор за Ал Џезира кој се објавува истовремено во суданскиот весник Ал Судани, ја опиша операцијата на своето аспење и испорачување како предавство. Според неговите зборови, на аеродромот го довеле припадници на безбедносните сили на Судан, на чело со командантот на дивизијата на внатрешната безбедност, позната како Црн сокол. Според неговите зборови, офицерот бил тажен, му се извинил и му рекол: – Тоа е наредба од претпоставените.

Додека припадниците на силите за безбедност плачеле.

Предавство и продавање

Карлос продолжува: – Ме продадоа за милиони долари. Мислам дека тие пари не отидоа кај суданскиот народ, туку во џебовите на корумпирани групи.

Вели дека Владата во Судан продала четири лица, вклучувајќи го и него, и тоа: убиениот лидер на Ал Каеда Осама бин Ладен, палестинскиот лидер Абу Нидал и воениот командант во либанскиот хезболах Имад Мујуеха, истакнувајќи дека Американците не сакале да го прифатат, бидејќи не бил на нивна листа за лица кои се бараат.

Како што вели не може да прости на тие кои го предале за пари, а не поради законот. – Не би чувствувал толкав притисок ако ме предадоа според законските процедури, но тие ме предадоа и мене и палестинското прашање. Ме уапсија и ме предадоа на француските власти на илегален начин и тоа нема никаква врска со законот. Ме продадоа само за пари, а не поради идеолошки или стратешки пресметки.

Карлос вели дека Кофер Блек еден од директорите на американската ЦИА во Картун во тоа време, бил одговорен за договорот за неговата продажба и дека одредил посебен тим кој деноноќно го следел.

Потенцирал дека имал можност да употреби оружје и да ги убие. – Но се откажав од тоа во последен момент, бидејќи бев гостин во Судан и не сакав да предизвикувам неприлики.

Тој продолжува: – Ги обавестив за тоа суданските власти и им реков дека агенти на ЦИА ме следат и фотографираат, на што ми одговорија дека состојбата е под контрола. Отпатував за кратко од Судан, додека не се смири состојбата. Кога се вратив, ми предложија да заминам во Кенија.

Тој додаде: – Тоа беше глупав предлог. Реков дека не сакам да патувам во Кенија. Се обидоа да ми најдат лет за Тел Авив и ми рекоа дека тоа е подобро. Беше очигледно дека сакаат да ме предадат, дури и на мојот багаж ставија чип да можат сателитски да ме следат.

За тоа како дојде во Судан Карлос вели дека во таа земја стифнал во 1993 година со германски дипломатски пасош, откако САД почнале да вршат притисок на Јордан да го предаде.

Наведе и дека се обидел да го убие кралот Хусеин бин Талала три пати: еднаш во Париз, вториот пат во Австрија, а третиот пат во Кралската палата во Аман.

Карлос негираше дека атентатите ги правел за суданската Влада, потенцирајќи дека никогаш во животот не убил некого за интересите на било која влада, истакнувајќи: – Убивав само платеници. Јас убивам само непријатели на слободата, без оглед каде се наѓаат тие.

Меѓутоа, додава дека единствен случај за извршување на атентат во корист на некоја влада било ликвидација, како што опишал на најголемиот предавник во историјата на комунистичкиот камп, кој пренесувал воени информации на американската разузнавачка служба; а тој атентат го извршил за претседателот на Романија Николај Чаушеску и тоа без паричен надомест.

Аспирации

Карлос интервјуто го завршува со тврдењето дека го сака Судан: – Но сум разочаран од тоа што се случи на Абу Нидал и Бин Ладен. Она што мене ми се случи не може да се спореди со она што се случи на муслиманите во јужен Судан, кои се измамени по продажбата на јужен Судан и неговото отцепување.

За плановите за иднината, вели тој, не очекува уште многу да живее: – Но во мене и понатаму ќе гори револуционерниот дух. Сакам да се вратам во својата земја и стекнатото искуство да го понудам на својата Влада. Ќе бидам помошник на претседателот за прашања за безбедноста и ќе работам на јакнење на солидарноста меѓу поробените народи.

Карлос бил поврзан со комунистичките движења и смета дека обуката за герилските војни ги стекнал во Куба, а посебна обука за оружје и експлозивни средства со Народниот фронт за ослободување на Палестина.

По една година криење, на 14 август 1994 година било издадено соопштение за неговото апсење во Судан, во текот на разузнавачката операција во координација со Франција, која го преземала, а веднаш потоа најавила судење.

Карлос го примил исламот во затвор во 2001 година. Се оженил со француската правничка Изабела, членка на тимот на неговата одбрана.

Во 2003 година била објавена и негова книга, која ја напишал во затвор, под името Револуционерен ислам, во која ја брани употребата на насилство во одредени околности, но и искажува поддршка на лидерот на Ал Каеда во тоа време, Осама бин Ладен.

Ал Џезира – Доха