Нашиот тероризам

Од:

Сојузот се огласи. – НАТО сојузниците се заедно во борбата против тероризмот – објасни генералниот секретар Јенс Столтенберг на прес-конференцијата во Брисел. – Франција може да смета на нас. Што значи тоа? Воена авијација против момчиња со фантомки? Тенкови во муслиманските предградија? Тероризмот може да биде културолошки проблем, верски, социјален, криминалистички, проблем на тајните служби, но не може да биде воен. Од зборовите на генералниот секретар на НАТО избива нашата немоќ. Постои само еден одговор на тероризмот и само едно оружје кое допира до секој човек – зборовите.

Убиени се 12 луѓе, нивните семејства се уништени. Атентаторите се во бегство. Можеби ќе бидат убиени или остатокот од животот ќе го поминат во затвор. За нив нема милост. Нападот во париската улица Николас Аперте, во Франција се доживува како напад на цела нација. Кои ќе бидат последиците од огромната болка?

Ако се исплашиме, тероризмот победи. По нападите на 11 септември во 2001 година САД покажаа дека не се дораснати за ваков предизвик. Тие во борбата против Осама Бин Ладен доживеаја најголем пораз во својата историја: го изгубија својот идентитет. Абу Граиб, тортурата на ЦИА, шпионирање на целиот свет – Америка се промени. Што ако сега целиот Запад се промени? Што ќе станеме?

Ние Европјаните мораме да покажеме дека сме подобри од тоа. Нема да биде лесно. Во Франција веќе почнаа напади на муслимански верски објекти. Анкетата на фондацијата Бертелсман покажува дека 60 отсто граѓани во Германија по нападот во Париз се чувствуваат загрозени. Секој четврти смета дека на муслиманите треба да им се забрани доселување во Германија.

Но, што ќе правиме со муслиманите кои веќе живеат со нас? Ако е точно тоа што го зборуваат поддржувачите на Педиге, а Ди Велт редовно го пренесува, додека писателката Моника Марон тоа упорно го пишува, имено дека исламот е опасност, тогаш што не чека? Што ќе правиме со сите германски и европски муслимани?

Интернација? Можеби навистина ги има премногу. САД во текот на Втората светска војна затворија во логори 120.000 Јапонци и американски граѓани со јапонско потекло. Само поради нивното потекло. Тоа е најчист облик на расизам. Лоша споредба? Не, не е, од нас сешто може да се очекува.

Ако погледнеме глобално, работите стануваат уште посериозни. На светот има 1,6 милијарди муслимани. Ако сите тие се поддржувачи на фашистичката идеологија, како што тврди Хамед Абдел-Самад, или нешто поблаго кажано, вера која допрва треба да се просветли (Моника Марон), што да правиме со нив додека не станат како нас?

Изопачениот свет на исламофобите треба строго да се избегнува исто како во проповедите на исламистите. Јан Флечер во Шпигел исправно забележа: – Нас во исламот не не вознемирува само неговиот екстремистички, туку и самиот религиозен аспект.

Ако на Западот му треба судир со исламот бидејќи му е потребен непријател, можеби ќе тргнат во војна против тероризмот. Но, тогаш тероризмот веќе победил. Решение е – заборавете го исламот. Нашиот проблем е нешто друго.

Марин Ле Пен, лидерка на Националниот фронт, по нападот во Париз праша: – Какви се уверувањата на тие убијци? Колку тесно се поврзани со радикалните исламисти во Франција? Од каде им се парите? Кои земји ги поддржуваат? За жена која е подготвена да стане претседателка на сите Французи, ова навистина е погрешен текст. Но и за неа тероризмот е нешто друго, што доаѓа од надвор. Ако не е пропаганда, таа тука сериозно греши.

Браќата Царнајев, осомничени за нападите на бостонскиот маратон, пораснале во Америка. Андерс Брејвик, атентаторот од Утоја, роден е во Осло. Браќата Куачи осомничени за нападот в Париз, родени се во Франција.

Тероризмот е наш.

Шпигел – Хамбург