Душко Илиевски – Млекарот, неговиот татко Томе и брат му Цане, добија 6.500 евра обешететување за 12-те дена неоправданиот притвор и за претрпениот страв Одлуката, вчера ја донесе Основен суд Битола, по тужбата на двајцата браќа и на таткото, откако неосновано беа обвинети и прогласени за нелегални одгледувачи на марихуана.
– Оваа пресуда со 6.500 евра за тројцата е катастрофална и ја одредија поради претрпен страв. А кој ќе ми ги плати мене загубите во земјоделието, додека ме обвинуваа и држеа во притвор? Судот смета дека жените можеле да работат и сега јас прашувам дали мајка ми што е болна требала да научи да вози трактор и комбе за да не’ замени нас тројцата? Во земјоделието имам загуби од 22 илјади евра кои се докажани со вештачење од вешто лице, но судот тоа не го признава, а не сака ниту да утврди со сопствени методи дека тие загуби се реални, вели за А1он Душко Илиевски.
Тој најави дека ќе ја обжали пресудата што ќе го чини 96 000 денари само за судски такси, а доколку не успее тука, убеден е дека поголема сума ќе земе со тужба во судот во Стразбур.
-Ако може за Груевски да се исплатат 50.000 евра за претрпена болка, тогаш зошто да не може за нас тројца за неосновано обвинување и неосновано држење во притвор? Ако сака Груевски јас ќе му ги дадам овие 6.000 евра, а Заев мене нека ми исплати 50.000 евра, вели Иливески
Тој тврди дека колку и пари да земе не му требаат нему лично, туку јавно ќе ги даде во Домот за деца без родители.
Илиевски, заедно со неговиот татко и брат, во 2010 година беа спектакуларно притворени во нивната нива и подоцна обвинети дека се занимавале со незаконско производство на марихуана.
Тогаш и премиерот Груевски и медиумите ги прогласија за виновни и пред да започне судскиот процес на кој пак, во отсуство на било каков доказ, по неколку месеци беа ослободени.