Клаус Јоханис нов претседател на Романија

Од:

Актуелниот градоначалник на романскиот град Сибиу, Клаус Јоханис е избран за нов претседател на Романија на вчерашниот втор круг од претседателските избори.

Романскиот премиер Виктор Понта доцна синоќа го призна поразот на изборите и му ја честиташе победата на 55-годишниот Јоханис, кој по потекло е етнички Германец.

Во првиот круг што се одржа пред две недели победи Понта.Тој важеше и за фаворит на вчерашните избори, затоа што анкетите и истражувањата на јавното мислење покажуваа дека социјалдемократот Понта ја има подршката на мнозинството од романските гласачи, пред кандидатот на десницентристичките партии.

– Му се јавив на Јоханис за да му честитам. Ние сме демократска држава и луѓето се секогаш во право„ изјави Понта пред седиштето на неговата Социјалдемократска партија.

Претставник на Изборната комисија соопшти дека првичните официјални резултати ќе бидат познати во текот на денешниот ден.

Првичните анализи за изборите во Букурешт проценуваат дека победата на Јоханис е „најверојатно обезбедена со гласовите на бројната романска дијаспора“.

Повеќе од четири милиони Романци живеат во странство и тие по првиот круг од гласањето организираа протести во Лондон и во Париз, како и во некои други европски градови каде живеат, затоа што организацијата за гласањето за нив била мошне лоша. Тие морале да чекаат со часови во редови пред романските дипломатски мисии, а дел од нив не можеле воошто да гласаат.

Протестите на Романците во странство и обвинувањата кон властите во Букурешт, предизвикаа минатата недела оставка на романскиот министер за надворешни работи.

Романија е членка на ЕУ од 1 јануари 2007 година, но важи за една од земјите со најраширена корупција. Десноцентристичкиот кандидат Јаханис, во текот на изборната кампања ветуваше искоренување на корупцијата и создавање на независен правосуден систем.

Виктор Понта (42) како премиер и претседателски кандидат,ја истакнуваше важноста од одржувањето контрола врз економскиот развој и политичката стабилност во земјата, која заедно со Бугарија се најсиромашните членки на ЕУ.