30 – тина маскирани насилници вечерва го демолирале кафе барот „Дамар“ за време на прославата на двегодишнината на ЛГБТ центарот, една девојка е повредена, јавува Фокус.
Пред 21 часот групата, маскирана со капи фуриозно упаднала во барот и фрлале со гајби по гостите. Една девојка е повредена, а интервенираше и итната помош. Неколкумина други гости се помалку повредени. Откако направиле неред, преку кој практично го демонстрирале ставот кон домаќините, групата го напуштила кафе-барот. Исплашените гости и персонал првично не успеале да препознаат некого од напаѓачите.
Единствено може да се заклучи, според брзината и организираноста, дека групата се подготвувала за нападот од претходно и имале точно определен план како да упаднат, како да ја прекинат забавата и како да заминат. Во моментов полицијата врши увид на местото на инцидентот. Малкуте камери низ Старата чаршија и да снимиле нешто, непознато е колку ќе помогнат при идентификација на насилниците, со оглед на мракот и на изгледот на групата.
И претходно, додека ЛГБТ центарот имаше седиште во чаршијата беше мета на неколку напади на хулигани.
Фото: Радио МОФ