Македонец направи скара на соларна енергија

Од:

Заборавете на дрвата и ќумурот кога одите на излет. Единствено што од сега треба да си носите кога сакате ручек во природа е сонцето. На Никола Стојанов, пензионер од Кочани, детската игра му дала идеја, сонцето да го искористи за правење скара.

„Јас сум од постарата генерација, кога бевме деца со стаклото преку сонцето си палевме цигари, и после во возрасно време си реков, ако можам да го запалам ова со ова мало парче, зошто да не направам нешто поголемо и на него да си готвиме“, вели Стојанов.

Ама изумот не е плукни залепи. На идејата и требало време да созрее и да се најде вистинската конструкција.

„Мислев долго време како да ги направам тие елементи. Секогаш кога зраците удираат да бидат под агол од 90 степени. И навистина не ми текнуваше долго време. Јас тогаш бев во Германија и со еден пријател на еден голем канал, така си правевме ќебапчиња и ми дојде, аха си реков, идејата ја знам, ама не ја кажувам веднаш“, со насмевка раскажува дедо Никола.

Сега освен ќебапчиња, на сонце лесно може да се варат и компири. Вкусот е неспоредлив, вели тој, заборавете се што се пробале до сега.

„Сончевата енергија што ја добиваме преку растителната храна тука ја добиваме директно во јадењето. Си има карактеристичен вкус, и тоа не го велам само јас туку и други. Сум видел и на интернет Германците велат таа иста енергија ние може да ја добиеме и преку храната и преку овој апарат“, вели Стојанов.

Наредниот изум веќе се крчка во главата на дедо Никола. Прави печка на соларна енергија. Им ја посветува на зафатените домаќинки.

„ Значи ако отидете во девет часот на работа, сонцето е на една позиција, во два кога ќе се враќате е на друга. Поставете ја печката на средина, ставете си го јадењето, само да не биде многу ретко и лебот ќе си го ставите и кога ќе се вратите и тој испечен и манџата готова“, раскажува Стојанов.

Дедо Никола по професија е технолог, долги години работел во Германија различни професии, дури и како даночен советник. Сега е во пензија и вели има уште многу вакви слични идеи како да се штеди енергија и да се чува животната средина. Една по една сите планира да ги реализира.

Виолета Кожинкова

Би можело да ве интересира

Почина таткото на далечинскиот управувач

Емир Латифовиќ