Барометар на квалитет: Во Катастар најмногу се чека, во ФЗОМ – најнечисто

Од:

Центрите за социјални работи добиле оценка 3,68 во анкетата „Барометар на квалитет на институции“, Министерството за внатрешни работи е оценето со 3,63, преку анкетата со која Министерството за информатичко општество и администрација го мерело задоволството на граѓаните од добиените услуги.

Гграѓаните најмногу биле задоволни од работата на Централниот регистар, кој е оценет со највисоката оценка 5, од 51 отсто од испитаниците. Од трите општини кои беа оценувани по случаен избор, граѓаните најмногу биле задоволни од работата на општина Прилеп.

Истражувањата се направени во јуни и јули 2014 година, преку анкета за мерење на задоволството на граѓаните, таен клиент и таен клиент преку телефонски јавувања.

На прашањето „Колку време се чека во институциите” – 78,3 отсто од тајните клиенти најмалку време (до 5 минути), чекале во Управата за имотно правни работи, додека пак најмногу се чекало во Катастарот.

За односот на вработените во институциите, испитаниците најпозитивно мислење имаат за вработените во Централниот регистар, за што се изјасниле 68,3 отсто, а најмалку позитивно за Одделението за издавање на лични документи при Министерството за внатрешни работи.

Во однос на хигиената во посетените институции тајните клиенти највисоко го оцениле одржувањето на хигиенските услови во Царинската управа (61,7%), а најмалку позитивно во Фондот за здравствено осигурување.

Што се однесува на пристапноста на институциите за лица со инвалидност, според истражувањето, најдобри услови постојат во Царинската управа, а најнесоодветни во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Министерот Ивановски најавува Акциски план за надминување на недостатоците од спроведените истражувања, кој ќе биде усвоен од Владата по што ќе бидат предвидени мерки кои ќе мора да ги реализираат институциите.

– Би сакал да ги потсетам граѓаните, дека ниту еден вработен во администрацијата нема право да ги врати од шалтер за добивање на документ од друга државна институција. Како граѓани можат и самите да им наложат на вработените по службена должност да ги обезбеди истите документи и да ги информира за предметот кога ќе биде комплетиран. Доколку службеникот тоа не го направи, може да се пријави во Државниот управен инспекторат или во Министерството за информатичко општество и администрација, по што инспекторите ќе излезат на терен , рече Ивановски.