Вардар ги мобилизира стручните спортски кадри

Од:

Раководните луѓе на РК Вардар, ЖРК Вардар и ФК Вардар денеска одржаа прес конференција, на која што беше информирана јавноста со цел мобилизација на сите стручни спортски кадри, за започнување на новиот проект кој што го организираат заеднички трите клуба.

Вардар ги повикува сите спортски работници од областа на фудбалот и ракометот да аплицираат на огласот кој што ќе биде објавен во понеделник, а ќе трае до 15 август, доколку ги исполнуваат сите оние критериуми испишани во истиот, заеднички да започнеме нешто што за прв пат се организира во нашата држава. Проектот има за цел развивање на младинскиот кадар во овие два спорта.

Сите критериуми за аплицирање на огласот ќе ги има објавено на интернет страниците на овие три клуба. Ќе бидат отворени две интернет адреси, преку кои што ќе можат сите заинтересирани да аплицираат за местата наведени во огласот. Ова е прв и единствен ваков проект на национално ниво, кој има за цел да премине во едно масовно движење. Со еден ваков систематски менаџмент и пристап на работа со младите категории покажуваме дека инвестираме во македонската младина и веруваме во нивните капацитети.

Директорот на РК Вардар Давор Стојаноски, потенцираше дека ова биле дел од плановите за развој на клубот уште при неговото преземање од страна на инвеститорот, Сергеј Самсоненко.

– Овој проект беше предвиден уште при самото купување на клубот од страна на Сергеј Самсоненко. Јас со посебен фокус ќе го следам секој тренд, затоа и ние како управа на ракометниот клуб Вардар, одлучивме проектот да го води спортскиот директор Тања Медвед. Со овој проект стартува процес на градење на македонскиот ракомет според современи стандарди, а ќе се даде можност и на секој поединец. Нашата вредност како Вардар е традиција за претставување на нашата држава, изјави Стојановски.

Тој се осврна и на досегашните и идните инвестиции на клубот, а исто така и апелираше на фер и коректен однос од страна на конкурентите.

– Цела година слушаме демагогија од нашите конкуренти, на кои ние секогаш гледаме со почит, дека ние купуваме само странци. Да појаснам, кога ние го преземавме Вардар минатата сезона, извршивме трансфер на осум ракометари, исто колку што имаше и клубот од „Автокоманда“. Секој кој прати и разбира ракомет, знае дека тие ги купија поголемиот дел од ракометарите на Вардар, во времето кога клубот беше финансиски нестабилен. Поради тоа, сакам реално да ја информирам јавноста дека Вардар за претходната сезона благодарение на спонзорот инвестираше 1.200.000 евра, кои реално се помалку од инвестицијата на клубот од „Автокоманда”. За наредната година таа инвестиција ќе се зголеми, со оглед на тоа што купивме четворица нови ракометари. Ќе споменам и тоа дека инвестицијата на Вардар е поголема, поради вложувањето од 15.000.000 евра во СЦ „Јане Сандански“, истакна директорот на РК Вардар.