Жерновски му одговори на Груевски

Од:

Почитуван премиере, читам и се чудам на реториката, но не и на суштината. Јасно покажувате дека почнавте да го реализирате ветувањето, дадено по дебаклот, кој и на последните избори го доживеавте во Центар дека специјално ќе се позанимавате со општината. И веднаш почнавте да „остварувате“. Се обидувате на секој начин да ја рекомпонирате волјата на центарци, вели граданочалникот на Центар Андреј Жерновски.

Вашите зборови за тоа дека сум глумел жртва и дека има дворски игри, не ги коментирам, но со факти и бројки ќе Ви одговорам за сработеното во Центар. Многуте советници и ПР агенти требале навреме да Ве информираат за комплетно реконструирани 9 улици во Центар, 6 згради добија нов изглед и енергетска ефикасност, 7.000 нови метри квадратни зелена површина.

Требаше да ве упатат дека додека Вие сечете, ние за една година засадивме нови високо квалитетни 312 дрвја. Центар идниот месец ќе ја добие Боемската улица, а доби повеќе нови паркови и скверови. За само 2 месеци дадовме субвенции за 859 нови велосипеди. Учениците спортуваат во реконструирани спортски сали.

За тоа што и како претходно се работело и како сега се работи, само еден податок: за 2 години успеавте да легализирате 724 објекти. Со нашето доаѓање, за само една година успеавме да легализираме 1121 објекти, или во превод, со сите опструкции од Ваша страна-двојно повеќе од Вас.

Што се однесува за градинката, која ја споменувате, требале да ви кажат дека за една година, колку што сум градоначалник, една градинка е комплетно реконструирана. Вие, кои бевте цели 13 години власт во општина Центар, секоја година ветувавте, а не успеавте да направите ниту една градинка.

Нова градинка, само со средства од општината, веќе градиме и ќе биде готова наредното лето. За училиштето, по завршување на основниот проект, започнуваме, без помош од државата, со градење на ново училиште во Капиштец.

А Вие, премиере, кога сакавте повторно да го освоите Центар, на центарци им ветивте дека Владата финансиски ќе ја помогне изградбата на училиштето. Кога и зошто се премисливте? Зошто нема ни денар од ветената помош? Зошто општина Центар е единствената скопска општина во која Владата не издвојува средства за изградба на училишта и спортски сали?

Вие се расфрлате и луксузирате со парите од народот, не задолжувате секојдневно. Ние, сето погоре наведеното за една година го направивме, со наследена празна каса, и од Вас однапред потрошени два годишни буџети. За споредба кој и како менаџира со буџетските средства, говори следниот аргумент – како резултат од Вашето 13 годишно владеење со општина Центар, наследивме долгови тешки 379.311.732,00 денари.

За 15 месеци, со добро менацирање подмирив 71,05 % од долгот или 269.500.490,00 денари.

Во едно се согласуваме, а тоа е дека општина Цантар веќе не е истурена подружница на Владата, бидејќи општината ја вративме на граѓаните.
И за крај, подготвен сум да се соочам или да ги споредиме остварувањата со било кој Ваш градоначалник. Да споредиме што оствариле со огромна финансиска поддршка од Вас, и што остварила општина Центар, се вели во реакцијата.