(ВИДЕО) Ориѓански: Глупава е идејата за субвенционирање песни за трето дете

Од:

Самата идеја за субвенционирање песни кои пропагираат многудетни семејства е глупава и не е јасно што таа сака да покаже – изјави музичарот Златко Ориѓански на денешната конференција „Engage“ во организација на Младински образовен форум, при што изнуди огромен аплауз од публиката.

– Ова го немаше ни во комунизмот, тогаш имаше разни будалаштини, но, сепак не до толку. Јас го разгледував формуларот кој треба да се пополнува и тој е многу дебилен. Кој е тој што ќе ја оценува мојата песна? Јас можам да направам песна за трето, па дури и за шесто дете, платете ми, но која е идејата? Проектот за субвенционирање на домашната музика ќе пропадне, а македонската музика нема да оди ни чекор напред. – вели Ориѓански.

Враќајќи се низ годините наназад од работата со групата „Анастасија“ па до ден – денес, Ориѓански смета дека македонската музика е комплетно уништена и мртва од повеќе сегменти, а нацијата е загубена. Според него, сите власти во изминатите 20 години работеле на тоа населението да стане поглупаво.

– За да зборуваме за македонска музика, мора да знаеме какво сме општество денеска. Народот воопшто не разбира и не прави разлика меѓу народната и авторската музика. Мерка на сите работи што ги работите е светот, а не првото село до нас. Во денешни услови, крајната дистанца на музичарите е Белград – изјави Ориѓански.

Петар Клинчарски