Возачот на автобусот на „Струмица експрес“, кој се товари за предизвикување на сообраќајната несреќа од пред два дена на железничкиот премин Овче поле на регионалниот пат Штип-Велес, доби мерка куќен притвор. Но, директорот на штипската Клиничка болница, Александар Стојановски вели дека возачот на автобусот повторно е вратен во болницата.
– Поголемиот дел од пациентите се пуштени на домашно лекување, се следат оние кои што останаа кај нас, има двајца на хирургија и двајца на ортопедија. Вчера возачот на автобусот беше приведен од страна на органите на прогонот, но денеска е вратен бидејќи се жали на болки во градите и во главата. Правени се дополнителни иследувања и ќе видиме што понатаму ќе направиме со овој пациент, вели Стојановски.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека вчера на 54 годишниот возач В.Ш му е доставена кривична пријава извршено кривично дело за тешки дела против безбедноста на луѓето и сообраќајот.
Пред два дена автобусот на Струмица експрес полн со патници го помина железничкиот премин и покрај тоа што рампите беа спуштени, при што се судри со возот кој секојдневно сообраќа на релација Кочани-Штип-Велес-Скопје.