Ердоган е најсериозниот кандидат за нов претседател на Турција

Од:

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган негира дека има разлики со претседателот Абдула Ѓул околу тоа кој да биде номиниран за кандидат на владеачката партија Правдата и развојот (АКП) на претседателските избори во август.

Ердоган и Ѓул деновиве уште еднаш разговарале на оваа тема во четири очи и по тој повод претседателот Ѓул призна дека го разгледале и прашањето за претсеателските кандидатури.

По двете изјави засега отпаднаа коментарите, што доаѓаа од некои медиуми, за можен конфликт меѓу двајцата во врска со претседателските избори.

Претседателските избори во Турција годинава ќе бидат уште поважни, затоа што за првпат во политичката историја на земјата ќе се оддржат со општо директно гласање , на 10 август, и евентуално на 24 август, во втор круг.

Досега претседателот се избираше од Парламентот.

-Кандидатурата на Ердоган веќе не предизвикува никакво сомнение. Засега тој е кандидатот со најдобри шанси. Мислам дека ништо нема да му попречи на исламско-конзервативниот премиер да отстапи од својата цел – да стане првиот претседател кој е избран од народот во Турција, коментира аналитичарот Харун Јондем.

Ердоган деновиве за првпат изрази жалење за убиените Ерменци за време на Османлиската империја во 1915 година, и всушност направи еден исклучителен, историски потег, кој беше неочекуван и е многу позначаен дури и од почнатиот процес на мирно надминување на курдскиот проблем, што, исто така, самиот го иницира.

Се очекува Ердоган официјално да ја соопшти својата кандидатура околу 24 мај, за време на својата посета Келн, во Германија, каде неговата партија има над 1,5 милион избирачи.

Засега нештата за патот на најсилната политичка фигура во Турција кон резиденцијата Чанкаја изгледаат подредени.

Адил Ѓур, раководител на една од влијателните агенции за истражување на јавното мнение – А&Г, не ја исклучува можноста турскиот премиер да се откаже од претседателската кандидатура доколку се убеди дека владеачката Партија на правдата и развојот (АКП) може да настрада, ако му ја предаде на раководење на друг лидер.

Тој прогнозира дека доколку на претседателските избори излезат околу 70 отсто избирачи Ердоган, како кандидат на АКП може да биде избран уште во првиот круг, и притоа да биде поддржан од 90 отсто од електоратот на АКП.

-Поради тоа сметам дека Ердоган ќе биде единствениот кандидат на АКП. Само еден фактор може да предизвика кај него откажување од оваа переспектива, а тоа е стравувањето дека неговата партија може да настрада, рече Адил Ѓур.

Во првиот круг од претседателските избори се очекува сите политички партии да истакнат свои кандидати.

Се шпекулира дека кандидат на главната опозициска Републиканско Народна партија ќе биде Јилмаз Бујкершен, градоначланикот на Ескишехир.