Пред 50 години беше снимен филм што го промени Холивуд

Од:

Пред 50 години, во кината се појави „Роки“ – спортска драма што го претвори Силвестер Сталоне во светска ѕвезда. Снимен со скромен буџет од еден милион долари, филмот стана најголемиот хит во 1976 година и го освои Оскарот за најдобар филм. Но, неговиот успех не заврши само со заработката на кино-благајните.

Пет децении подоцна, Роки Балбоа е сè уште еден од најпрепознатливите филмски ликови, а во Филаделфија стана симбол на градот, речиси исто толку значаен како и вистинските историски личности, пишува „Гардијан“.

Една од причините што го прави „Роки“ толку посебен е приказната за неговото настанување. Во тоа време, Сталоне бил речиси непознат актер кој очајнички се обидувал да успее во Холивуд.

Тој го напишал сценариото за филмот за само три и пол дена. Иако филмските студија биле заинтересирани за приказната, сакале некој попознат актер да ја игра главната улога.

Сталоне одбил. Бил решен самиот да го игра Роки Балбоа, дури и ако тоа значело одбивање понуди што можеле да му донесат голема заработка.

Неговата упорност на крајот се исплатела. Исто како Роки, кој добива шанса да се бори против светскиот шампион Аполо Крид, така и Сталоне добил шанса да се докаже, и покрај малите изгледи за успех.

„Роки“ стана најголемиот филмски хит во 1976 година и го освои Оскарот за најдобар филм, но не сите критичари биле воодушевени.

„Њујорк тајмс“ го опиша како сентиментален филм за сиромашна градска населба, додека познатиот филмски критичар Џин Сискел сметал дека е премногу „засладен“.

Публиката, сепак, реагираше сосема поинаку. Приказната за боксер кој се бори за своето достоинство и за можноста да постигне нешто, силно допре до гледачите.

Следуваа пет продолженија, три филма од серијалот „Крид“, бројни документарни емисии, видеоигри, па дури и мјузикл на Бродвеј.

Иако Роки Балбоа е измислен лик, неговото влијание врз Филаделфија тешко може да се спореди со она на кој било друг филмски херој.

Скалилата пред Музејот на уметноста во Филаделфија, по кои Роки трча за време на тренинзите, станаа една од најпознатите туристички атракции во градот.

Туристите сè уште се фотографираат таму со кренати раце, имитирајќи ја неговата победничка поза. Во близина се наоѓа и бронзена статуа на Роки, висока речиси три метри, која првично била изработена за третиот филм.

Ликот стана толку испреплетен со идентитетот на градот, што Филаделфија често се поистоветува со неговите особини: тврдоглавост, упорност, скромност и одбивање да се предаде.

Интересно е тоа што градот имал и вистински боксерски великан, Џо Фрејзер, кој го победил Мухамед Али во една од најпознатите борби на сите времиња.

Сепак, статуата на Роки привлекува значително поголемо внимание од онаа на Фрејзер. „Гардијан“ укажува и на расната димензија на таа разлика: додека Фрејзер бил вистински црн боксер од работничка класа, белиот, измислен херој станал универзален симбол на градот.

Во времето кога се снимал филмот „Роки“, Филаделфија минувала низ тежок економски период. Фабриките се затворале, жителите ги напуштале одредени населби, а некогаш силната индустриска економија постепено слабеела.

Филмот прикажа токму еден таков град, со своите трошни куќи, празни улици и населби на работничката класа.

Но, приказната за Роки не остана поврзана само со Филаделфија. Таа прерасна во универзална приказна за аутсајдер кој им пркоси на малите шанси за успех и се обидува да ја докаже својата вредност.

Нејзиното влијание може да се препознае во бројни подоцнежни филмови, од „Карате кид“ (The Karate Kid) па сè до спортски драми што следат навидум немоќни поединци на нивниот пат кон голем предизвик.

Можеби најголемата особеност на првиот филм е токму неговиот крај.

Роки не го победува Аполо Крид. Тој го губи мечот со одлука на судиите, но успева да остане на нозе до самиот крај на борбата и да докаже дека не е безвреден боксер, како што многумина сметаа.

Токму оваа порака му обезбеди на филмот трајна популарност. Победата на Роки не се состоеше во освојувањето на титулата, туку во сознанието дека тој вреди, дури и кога не победува.

Педесет години подоцна, таа идеја сè уште привлекува нови генерации гледачи.

По повод големиот јубилеј, се појави филмот „Јас го играм Роки“ (I Play Rocky), во режија на Питер Фарели.

Во него, актерот Ентони Иполито го толкува ликот на младиот Силвестер Сталоне, а дејството ја следи неговата борба да го сними филмот „Роки“ и да ја добие главната улога.

На тој начин, филмот повторно ги поврзува двете приказни кои од самиот почеток биле неразделни: приказната за Роки Балбоа и приказната за човекот што го создал.

По половина век, „Роки“ ги надмина рамките на спортскиот филм. Тој стана симбол на истрајноста, но и потсетник дека успехот не значи секогаш победа.