Полицијата протестира во Париз: Бараат подобри услови за работа и зголемување на додатокот за ризик

Од:

Десетици француски полицајци денеска се собраа на протест пред Министерството за внатрешни работи во Париз, барајќи подобри услови за работа.

Овој собир на полицајци доаѓа по неколкунеделни интензивни протести во француската престолнина, кои беа проследени со насилство, објави BFMTV.

Полицајците се собраа на повик на синдикатот „Алијанс полис насионал“ (Alliance Police Nationale).

Синдикатот – чии претставници денеска треба да се сретнат со министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез – бара подобри услови за работа, вклучително и зголемување на додатокот за ризик, кој моментално изнесува 28,8 отсто. „Целта е повторно да разговараме за она што министерот ни го кажа во петокот – што не беше задоволително, бидејќи ние бараме зголемување од најмалку 35 отсто“, изјави претставникот на синдикатот, Лоик Травер, за телевизиската мрежа BFM.

Тој додаде дека полицајците нема да чекаат бесконечно за зголемување на додатокот за ризик, нагласувајќи дека работата никогаш не била потешка.

Во петокот, министерот Лоран Нуњез предложи зголемување на додатокот за ризик на 33,5 отсто во текот на тригодишен период, до 2029 година, при што првата фаза би се спровела во април 2027 година.

Сепак, синдикатите едногласно оценија дека првичниот предлог на Министерството е недоволен.

Протестниот марш тргна од плоштадот Бово (Place Beauvau), при што учесниците ја пееја „Марсејезата“ и носеа транспарент на кој пишуваше: „Републиката – тоа сме ние!“

На овој плоштад, кој се наоѓа на само неколку чекори од Елисејската палата, беа поставени и шатори.

Посебен додаток за тешки услови за работа – познат како „додаток за ризик“ – бил воведен во 1958 година, преку спојување на посебните додатоци за ризик и опасност. Тој се зема предвид при пресметувањето на пензиите за припадниците на националната полиција, но не е зголемен уште од 2019 година.