ВИДЕО: Трамп потврди дека ФБИ истражува наводна шпионска афера поврзана со шефот на „Енвидија“

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ФБИ истражува љубовна врска меѓу извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, и жена за која постои сомневање дека е кинеска шпионка.

Трамп рече дека вчера разговарал со Хуанг, откако во медиумите се појавија информации дека американските разузнавачки служби процениле оти тој бил цел на кинеска шпионска операција.

„Го прашав директно: ‘Дали имаше претстава дека таа е шпионка?’ Ми рече: ‘Немав претстава дека е шпионка’ и навистина му верувам“, изјави Трамп пред новинарите.

Официјален Пекинг ги отфрли тврдењата дека Хуанг бил цел на разузнавачка операција. Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека обвинувањата се „целосно неосновани, паушални и насочени кон оцрнување на Кина“.

Во меѓувреме, „Енвидија“ покрена независна истрага за аферата во која е вмешана Алис Хуанг, осомничена за шпионажа во корист на Кина. Од компанијата соопштија дека немаат причина да веруваат дека корпоративните тајни или националната безбедност на кој било начин се загрозени.

„Енвидија“ е втората највредна компанија во светот, веднаш зад „Епл“. Таа произведува компјутерски чипови кои станаа основа на технологијата за вештачка интелигенција.

Откако деталите за аферата станаа јавни, акциите на компанијата во понеделникот паднаа за повеќе од четири отсто, поради што „Енвидија“ за само еден ден загуби околу 250 милијарди долари од својата пазарна вредност.

Трамп подоцна пред новинарите во Белата куќа потврди дека и ФБИ се вклучило во случајот, но не сакаше да открива детали од истрагата, ниту кога точно била покрената. Од ФБИ одбија да го коментираат случајот за Би-Би-Си.

Според пишувањето на „Њујорк тајмс“, американските разузнавачи веруваат дека Алис Хуанг, позната и како Хуанг Ле, работела како шпионка за Пекинг. Таа не е во роднинска врска со Џенсен Хуанг.

Весникот наведува дека американскиот државен секретар Марко Рубио уште минатата пролет испратил допис до највисоките функционери во Вашингтон, во кој предупредил дека шефот на „Енвидија“ е во блиска врска со кинеска шпионка.

Алис Хуанг била директорка во сингапурската компанија „Мегаспид“, која директно соработувала со „Енвидија“.

Канцеларијата на „Мегаспид“ во деловниот центар на Сингапур во вторникот работела вообичаено, а во неа имало вработени. Обезбедувањето на новинарите на Би-Би-Си не им дозволило да се качат на катот каде што се наоѓа компанијата.

Вработен со кого разговарале телефонски изјавил дека немаат коментар и ги упатил сите прашања до нивната служба за односи со јавноста. Би-Би-Си повеќепати испратил и прашања по електронска пошта до раководството на „Мегаспид“.

„Енвидија“, која Џенсен Хуанг ја основал заедно со уште двајца инженери, се наоѓа во самиот центар на технолошката трка меѓу САД и Кина за развој на вештачката интелигенција. Официјален Вашингтон го третира извозот на нејзините напредни чипови во Кина како првокласно прашање на националната безбедност, што е и главната причина за големата вознемиреност околу оваа афера.

Покрај истрагата, во понеделникот во Калифорнија беше поднесен предлог за колективна тужба против Хуанг и „Енвидија“. Акционерите ги обвинуваат за измама, тврдејќи дека ги прикривале врските на Хуанг со наводната кинеска шпионка.

Во тужбата се наведува дека компанијата ги лажела медиумите за односот меѓу Џенсен Хуанг и Алис Хуанг, за која постои сомневање дека се обидувала да помогне во шверцување производи на „Енвидија“ во Кина.

Новинарите во Белата куќа, меѓу кои и дописникот на Би-Би-Си, неколкупати го прашаа Трамп кога точно дознал за врската. Претседателот неодредено одговори дека за тоа бил информиран „во одреден период“, без да наведе временска рамка.

Трамп додаде дека смета оти Хуанг е „чесен човек“ и дека е „многу уверен дека на крајот сè ќе заврши добро“ кога ќе бидат завршени истрагите.

„Се надевам дека нема да има проблеми. Верувам дека во моментов многу страда“, рече американскиот претседател.

Тој раскажа и дека во понеделникот му се јавил на Хуанг „само за да провери како е и дали се држи“. Го прашал за случајот, а Хуанг му одговорил дека апсолутно немал претстава дека таа личност била шпионка, пренесе Трамп.

Трамп повторно предупреди дека кинеското преземање на водечката позиција во развојот на вештачката интелигенција драстично би ги зајакнало воените капацитети на Пекинг и неговиот шпионски апарат.

Додаде дека е „сигурен“ оти кинескиот претседател Си Џинпинг ќе го праша за случајот на нивната следна средба.

Самиот Хуанг претходно јавно призна дека бил „неверен“ кон сопругата и ѝ се извинил нејзе и на децата за болката што им ја нанел.

Вчера порача дека останува „целосно посветен на заштитата на ‘Енвидија’ и поддршката на американската национална безбедност“, нагласувајќи дека целосно ќе соработува со истрагата што ја покрена самата компанија.

Од Хуанг било побарано и следната недела да се појави на затворено сослушување пред неколку комисии на американскиот Конгрес. Засега не е познато дали ќе се одѕвие на поканата.

Во официјалниот допис се наведува дека сослушувањето треба да се однесува на „безбедносните протоколи на ‘Енвидија’ против шпионажа од странски ривали, како и контактите на компанијата со оперативката на разузнавачката служба на Народна Република Кина, директорката на ‘Мегаспид’, Алис Хуанг“.

„Енвидија“ одби да ја коментира поканата за сослушување, а Би-Би-Си контактирал и со надлежните конгресни комисии.

Некои од вработените со кои Би-Би-Си разговарал во понеделникот во седиштето на „Енвидија“ во калифорнискиот град Санта Клара изјавиле дека во компанијата сè се одвива вообичаено, и покрај огромното внимание што ненадејно го привлече случајот.

„Енвидија“ постои со децении. Хуанг ја основал со двајца инженери во 1993 година, но нејзиниот вртоглав подем меѓу највредните и најмоќните корпорации во светот е релативно понов.

Компанијата првично дизајнирала графички процесори наменети за видеоигри, но стратешката одлука да го насочи целиот фокус кон развојот на чипови за вештачка интелигенција ја претвори во еден од технолошките лидери во светот.

Чиповите на „Енвидија“ станаа толку важни за изградбата на системи за вештачка интелигенција што Белата куќа претходно воведе строги ограничувања за продажбата на нејзините најнапредни модели на странските пазари.

Така, процесорот H200, вториот најмоќен чип на „Енвидија“, беше под забрана за извоз во Кина поради стравувањата дека на кинеската индустрија би ѝ овозможил технолошка предност пред САД.

Самиот Хуанг со години се противеше на овие забрани, тврдејќи дека за глобалниот развој на вештачката интелигенција е многу подобро тој да се темели на американска технологија.

Во јануари администрацијата на Трамп попушти и најави дека ќе ѝ дозволи на компанијата да продава чипови H200 на кинески купувачи, но под строго утврдени услови.