Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека е полесно да се соработува со американскиот претседател Доналд Трамп отколку со рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи дека средбите со Трамп секогаш биле можност за дискусија и носење одлуки.
На прес-конференцијата по самитот на ЕУ во Брисел, тој рече дека секогаш ги брани интересите на Украина и на украинскиот народ, а го обвини Путин дека нема вистински интерес за мировни преговори.
Според него, реториката на Москва претставува „пародија на вистинската желба за ставање крај на војната“, пренесува „Еуроњуз“.
„Тој не сака војната да заврши. Убеден сум дека токму затоа дури и Донбас му е премал“, рече Зеленски.
Истовремено, тој изрази надеж дека Европа би можела да пронајде „одреден формат за директен разговор со Русите“, со цел Киев да не мора да се потпира исклучиво на дипломатијата на Вашингтон.
„Верувам дека сето ова ќе се случи. Тоа не значи дека ќе исклучиме некого од овој процес“, рече тој.
„Забележав дека некои работи се одвиваат паралелно“, додаде тој.
