ВИДЕО: Не е добар тип, потешко е да се работи со него отколку со Путин, Трамп повторно жестоко го нападна Зеленски

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски поради украинските напади врз руските нафтени рафинерии, тврдејќи дека тие влијаат врз растот на цените на енергенсите на светските пазари. Трамп го нарече Зеленски „лош тип“ и оцени дека со него е потешко да се преговара отколку со рускиот претседател Владимир Путин.

„Сметам дека тоа е срамно. Има многу други цели“, изјави Трамп во интервју за американската телевизија Њузмакс, посебно критикувајќи ги нападите врз постројките за производство на дизел.

„Кога напаѓате рафинерии што произведуваат дизел, кој им е потребен на нас и на целиот свет, не му правите услуга на светот“, рече Трамп во емисијата „Финерти“, во која се вклучи директно од Белата куќа.

Тој го доведе во прашање и лидерството на Зеленски, како и неговата подготвеност да стави крај на војната преку преговори.

„Со Зеленски не е добро да се соработува. Тој не сака договор. Зборува дека сака, но всушност не сака. Не сум негов голем обожавател. Ја уништија таа земја“, изјави Трамп.

Американскиот претседател оцени дека меѓусебната омраза меѓу Путин и Зеленски го отежнува постигнувањето договор за завршување на војната.

„Путин го мрази Зеленски, а Зеленски го мрази Путин. Кога постои таква омраза, тешко е да се договори што било. Оваа војна, сепак, никогаш не требаше ниту да почне“, рече Трамп.

На прашањето дали војната ќе заврши пред истекот на неговиот претседателски мандат, тој одговори дека тоа треба да се случи наскоро.

„Мислам дека и двајцата всушност сакаат војната да заврши. Но, сметам дека со Зеленски е потешко да се работи отколку со Путин“, додаде американскиот претседател.

Трамп беше прашан и за предлогот за двомесечно примирје, со цел да се одржат избори во Украина.

„Мислам дека се потребни избори“, одговори тој.

Притоа, го постави и прашањето дали Украинците се задоволни од своето раководство додека руските напади врз станбените згради продолжуваат. Трамп се повика на интервју со Украинка која за страдањата на земјата и воените загуби го обвини Зеленски, цитирајќи ја нејзината изјава: „Зеленски ја уништи нашата земја“.

Трамп, исто така, тврдеше дека Русија има значителна предност во бројот на војници поради поголемото население. Според него, Москва може да поднесе големи воени загуби, додека Украина нема доволно луѓе за да ѝ парира.

Тој призна дека Украина добила напредна американска воена опрема, која ја опиша како „најдобра опрема во светот“.

Изјавите на Трамп доаѓаат неколку дена по новото заострување на односите со Зеленски, по најавата за американски договор за набавка на руски дизел. Украинскиот претседател претходно го нарече договорот „подарок“ за рускиот претседател Владимир Путин.

Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл објави дека постигнал договор со Путин за испорака на дизел на американскиот и светскиот пазар.

„Тукушто завршив многу успешен разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Договорено е Русија веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони дизелско гориво на американскиот и светскиот пазар, уште 500.000 тони во текот на ноември, а веднаш потоа и еден милион тони“, напиша Трамп.

Тој додаде дека Русија во краток рок ќе испорача уште три милиони тони дизел, повикувајќи се на состојбата со рафинериите.

„Пониските цени за Американците, особено за нашите земјоделци, сточари и камионџии, се мој најголем приоритет. Ова е многу голема и важна објава“, напиша американскиот претседател.

Договорот предизвика остра реакција од Зеленски, кој го обвини Трамп дека му помага на Кремљ и придонесува за продолжување на војната.

На социјалните мрежи украинскиот претседател напиша дека договорот „ѝ оди во прилог на Русија – ѝ овозможува да убива повеќе, да војува подолго, помалку да ги почитува САД и да предизвика уште поголеми загуби и штети во светот“.

Тензиите дополнително се зголемија по украинскиот напад врз нафтена рафинерија во руската Рјазанска област, југоисточно од Москва. Според објавените информации, рафинеријата обезбедува пет проценти од вкупното руско производство.

За време на престојот во Лондон, Зеленски во разговор со новинарот Пирс Морган ги коментираше потезите на американската администрација, кои ги нарече „предавство“.

„Штета е што губиме силен партнер. Сигурен сум дека точно знаеја што прават“, изјави Зеленски.

Тој се осврна и на претходните одлуки поврзани со ограничувањето на услугата Старлинк.

„Беше еден часот по полноќ кога СпејсИкс и САД го блокираа Старлинк. Таа одлука ќе однесе многу човечки животи. Се разбира дека луѓето ќе гинат“, рече украинскиот претседател.

Зеленски порача и дека Украина нема да биде предмет на трговија во каков било иден мировен договор со Русија.

„Ние не ја продаваме нашата земја. За нас тоа не е бизнис. Тоа се нашите животи. Тоа е нашата земја, нашиот дом, нашите деца“, заклучи тој.