(ВИДЕО) Пред еден месец Михаилова велеше: Во Македонија ми велат дека нема начин да ме лекуваат

Од:

Изјавата на Муцунски ја сметам за дрска, а да не зборуваме дека е и лага. До судот во Северна Македонија доставив десетици медицински документи и стручни мислења – вклучително и заедничко мислење од петмина невролози и неврохирурзи – кои потврдуваат дека итно ми е потребна медицинска процедура и рехабилитација што не можат да се спроведат во Република Северна Македонија поради недостиг на неопходните технички и медицински капацитети, вели на 8 октомври 23-годишната Ива Михаилова во изјава на Фејсбук.

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски – кој престојуваше во Софија – изјави дека Михајлова добива соодветен третман. Покрај тоа, Северна Македонија одобри бугарски медицински лица да отпатуваат на лице место за да ја прегледаат.

Михајлова е категорична дека тоа не е така и дека таму не можат да ѝ го обезбедат неопходниот третман.

„Секојпат кога одам на преглед, лекарите ми кажуваат дека третманот не може да се спроведе овде, туку само во Бугарија, Израел или Турција. Ова е наведено во секој документ што го имам доставено до судот“, вели Михаилова.

„Понатаму, специјалистите во Скопје препорачаа рехабилитација во Штип. Сепак, обвинителството не ми дозволува ниту да го напуштам Кочани, и покрај понудената гаранција од над 80.000 евра. Не разбирам за каков ’сеопфатен третман‘ зборуваше денес г-дин Муцунски“, изјави Михаилова.

На крајот од видео-изјавата, Михајлова упати и прашање до Муцунски.

„Дали градежните работници од другото возило – она што ја предизвика несреќата додека се движеше кон Берово – патуваа за да изградат вила за Вас или за некој Ваш близок?“, праша таа.

Таа праша и за идентитетот на лицето кое пристигнало на местото на настанот неколку минути по несреќата.

„Тој не им дозволуваше на сведоците да си заминат сè додека не ги избришат сите фотографии што ги направиле од несреќата – фотографии кои ја докажуваат мојата невиност. Потоа, тој остана сам со полицијата и техничарите, а скицата од несреќата беше изготвена според неговите желби“, рече Ива Михаилова.