Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, предупреди дека секое натамошно користење на териториите на земјите од регионот на Блискиот Исток за напади врз Иран ќе предизвика поинаков и одлучен одговор од Техеран.
Тој нагласи дека Иран очекува неговите соседи да се придржуваат кон принципите на добрососедски односи и да ги преиспитаат своите постапки, пренесува иранската државна новинска агенција „Прес ТВ“ (PressTV).
„Доколку во иднина бидеме сведоци на нова агресија од страна на САД и ционистичкиот режим и доколку територијата на соседните земји се искористи за напади врз Иран, одговорот сигурно ќе биде поинаков“, предупреди Багеи.
Тој истакна дека сите земји во регионот имаат горчливо искуство со военото присуство и интервенциите на САД и рече дека тие земји и Иран се „вечни соседи“.
Багеи изјави дека Иран брзо и јасно го пренел своето незадоволство до земјите во регионот, особено до оние што им обезбедиле територија и логистика на САД и на израелскиот режим за време на воената агресија.
Тој посочи дека овие земји сносат меѓународна одговорност за учеството во агресивни дејствија и потсети дека на маргините на Генералното собрание на ОН, иранските претставници оствариле добри средби со речиси сите земји од јужниот дел на Персискиот Залив.
Багеи се осврна и на присуството на израелскиот премиер во Обединетите Арапски Емирати, предупредувајќи дека ционистичкиот режим се обидува да сее раздор во регионот.
Тој ги повика соседните земји да не дозволат нивните капацитети и територија да бидат злоупотребени од страни кои не покажале никаква почит кон безбедноста и просперитетот на регионот.
