Голманските вештини не избледуваат со возраста, а легендарниот Франческо Толдо го докажа тоа синоќа во центарот на Милано.
Поранешниот голман на италијанската репрезентација покажа дека неговите рефлекси се сè уште молскавично брзи, но овојпат не на фудбалскиот терен, туку во фаќањето крадци.
Сè се случи во четвртокот, непосредно пред 20:00 часот, кога Толдо го паркираше својот скутер на една улица. Неговото внимание го привлече необична глетка: еден млад човек трчаше по друг млад човек кој бегаше на велосипед.
Толдо веднаш го запре младиот човек што трчаше и го праша што се случува. Одговорот беше краток и јасен: „Ми го украде велосипедот“.
Тоа беше доволно за да се разбуди инстинктот кај поранешниот голман. Без ни малку двоумење, Толдо тргна во потера по крадецот.
„Веднаш сфатив што се случува. Штом младиот човек ми потврди дека другиот му го украл велосипедот, интервенирав со полна брзина“, изјави Толдо.
Тој го стигна крадецот со скутерот и го турна од велосипедот.
Велосипедот веднаш му беше вратен на сопственикот, а храбриот потег на поранешниот фудбалер предизвика воодушевување кај присутните.
Случајните минувачи кои беа сведоци на целиот настан го наградија Толдо со громогласен аплауз. И покрај тоа што го препознаа и сакаа да го прегрнат, Толдо остана скромен.
„Вистина е дека луѓето на улицата ме препознаа и сакаа да ме прегрнат, но јас не сум херој. Едноставно го направив она што е правилно“, изјави тој.
„Младиот човек што беше ограбен ми се заблагодари, како и сите луѓе што беа сведоци на настанот“ рече тој.
Толдо (54) е поранешен италијански голман кој остави најдлабока трага во екипоите на Фиорентина и Интер. Тој забележа 336 настапи за Фиорентина во периодот од 1993 до 2001 година, а бранеше на 234 натпревари за Интер од 2001 до 2010 година.
За италијанската репрезентација настапи 28 пати.
