Непалскиот планински водич Дава Шерпа, за кој се веруваше дека загинал на Монт Еверест, беше пронајден жив по шест дена на планината.
Тој за Би-Би-Си изјави дека преживеал џвакајќи мраз и јадејќи неколку чоколадни плочки што ги нашол во џебот.
Тој исчезнал за време на спуштањето од Еверест, но тврди дека не се изгубил, туку бил принуден да остане на планината откако му снемало кислород. Неговото семејство во Катманду веќе ги започнало погребните обреди, убедено дека нема да се врати жив.
Спасувачите го пронашле во близина на ледениот водопад Кумбу, додека полека се движел кон базниот камп. Со хеликоптер бил однесен во болница во Катманду, каде што се опоравува од дехидрација, смрзнатини и скршеници на коските.
„Мислев дека нема да преживеам“, рече Шерпа, опишувајќи ги моментите кога му снемало енергија на голема надморска височина.
Според неговото сведочење, тој не јадел ништо првите два дена. Кога повеќе не можел да оди, почнал да џвака мраз за да преживее. Подоцна, тој пронашол неколку чоколадни плочки во џебот и успеал да стопи мраз за пијалак.
Неговата драма дополнително се влошила кога паднал во пукнатина во мразот. Според луѓето што разговарале со него по спасувањето, тој поминал околу два и пол дена во пукнатината, не можејќи да најде излез.
Неверојатно, лавина му донесе надеж. Снегот што паѓаше во пукнатината му овозможи да се извлече и да се обиде да излезе. Откако се извлече, најде јажиња што му помогнаа да продолжи надолу по планината.
Уште една лавина му се закани на патот, но тој продолжи да се движи кон базниот камп. Одеше низ ноќта, сè додека не наиде на тим што се искачуваше по повисоките делови од планината за да собира отпад. Тие му помогнаа да се спушти.
Веста дека Дава Шерпа е жив предизвика шок и огромно олеснување кај неговото семејство, колегите водичи и планинарите кои беа со него на експедицијата.
Пемба Шерпа, извршен директор на 8K Expeditions, која учествуваше во потрагата, го опиша неговото преживување како „вистинско самоспасување“ и чудо.
Неговата сопруга изјави за Би-Би-Си дека ја изгубила сета надеж откако ѝ било кажано дека операцијата за спасување повеќе не е можна.
„Кога го видов, не можев да им верувам на своите очи“, рече таа.
Пет лица починаа на Еверест оваа сезона, додека повеќе од 300 луѓе ги загубија животите на највисоката планина во светот откако започна водењето евиденција во 1920-тите.
