Рударството е во слободен пад. Според последните информации на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „рударство“ во март 2026 година, во однос на март 2025 година, бележи опаѓање од 6,2%. Дополнително, поранешниот министер од СДСМ Оливер Спасовски, на последната седница посветена на пратенички прашања, откри дека до крајот на месецов е можно да има отпуштања на 800 рудари од Злетово и Тораница. Спасовски во пратеничкото прашање ја критикуваше власта за намалување на странските инвестиции во земјава.
„Имам информација дека рудниците „Злетово“ и „Тораница“ до крајот на месец мај ќе бидат затворени како странска инвестиција и на тој начин 400 луѓе во Пробиштип и 400 луѓе во Крива Паланка ќе останат без работа. Ова е директна последица од менаџирањето со тие рудници на вашиот градоначалник Тони Тоневски – Тозо, од Пробиштип, кој пред да биде градоначалник менаџираше со рудниците и според моите информации 15 милиони евра е загубата. Прашањето е дали има вистина во тврдењата дека ќе бидат затворени двата рудника и дека по 400 луѓе и во Паланка и во Пробиштип ќе останат без работа и кои се причините за намалувањето на странските инвестиции во моментите кога Владата известува дека сме трета економија во светот?“, праша пратеникот Спасовски.
Но, токму Спасовски од позиција на министер беше еден од тогашните владини функционери со чие гласање на владина седница се попречи реализација на инвестиција во рударството. Во 2023-тата година Владата најпрвин донесе одлука за спојување на концесиите за рудникот за бакар во Иловица, врз основа на позитивно мислење на Министерството за економија и пресуда од Управниот суд, но само неколку дена подоцна министрите си ја поништија веќе донесената одлука и ја закочија новата инвестиција. Спасовски за ИРЛ тогаш образложи дека не знаел за што гласа.
„Не знаевме дека одлуката на Управниот суд не бара од Владата спојување на концесии”, во разговор со ИРЛ ова го потврди министерот Оливер Спасовски кој како и повеќето негови колеги немал причина да се сомнева во документ на министерството кој што го презентирал Бектеши. Тој за ИРЛ изјави дека негов личен став е да нема рудник доколку локалното население тоа не го сака“, пишува ИРЛ на 15.7.2023.
Откако Владата се премисли тогашниот министер за економија Крешник Бектеши рече дека била донесена политичка одлука со која не се согласува, но ќе ја почитува и спроведува.
Сепак, инвестицијата за рудник во Иловица со која беа најавени илјадници нови вработувања не е единствената која ја оспоруваат партиските функционери на СДСМ. По рудникот за бакар во Иловица, на нож сега беше дочекана и најавата за рудник за антимон во Крива Паланка. Можноста за нов рудник во кривопаланечко силно одекна во јавноста откако Соединетите Американски Држави решија финансиски да ги помогнат геолошките истражувања. Од опозициската партија се спротивставија на идејата без да се консултираат со градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ, Сашко Митовски, што предизвика и внатрепартиски обвинувања. Митовски дава поддршка за геолошките истражувања за антимон и во изјава потврди дека телефонски зборувал со премиерот Христијан Мицкоски, меѓу другото и за Тораница.
„Платата во рудникот Тораница се движи од 60 до 90 илјади денари, во зависност од работната позиција. Ова го зборувам во услови кога Тораница има значителен пад на производството. Ме прозива матичната партија дека сум се договарал со премиерот Мицкоски… Јас единствено комуницирав со него за тема за која што чувствувам лична одговорност и загриженост, а тоа е токму за рудникот Тораница и информациите коишто пристигнуваат до мене во однос на можното затворање во месец мај. Тоа е единствената комуникација што ја имаме јас и премиерот направено изминатиот викенд, ама единствено заради интересот на градот и граѓаните на Крива Паланка, зашто со самото затворање на Тораница остануваат 400 фамилии на улица – сериозен економски удар за градот“, изјави неодамна Митовски за „Инфомакс“.
Во Македонија 40 години не е отворен нов значителен рудник, а во меѓувреме стрмоглаво паѓа и бројот на вработени во рударството. Во новата Стратегија за минерални суровини 2026-2046, на која работеше Македонската академија за науки и уметности, се истакнува дека „Република Северна Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти“. Според Стратегијата, Македонија не само што има ресурси во форма на руда и минерали, туку има и рамка во форма на цврста и недвосмислена еколошка законска регулатива, силна клима за иновации, но таа треба и да има и отвореност во однос на нашите геолошки ресурси, истражувањата да бидат на високо ниво и да има добро образована работна сила, а „проширувањето на рударската и минералната индустрија вклучува огромни инвестиции во делови од земјата каде што таквите инвестиции беа долго време видливо отсутни“.
