Европскиот автомобилски гигант Фолксваген Груп планира да отпушти околу 50.000 работни места до крајот на деценијата, додека компанијата денес соопшти дека нејзината добивка пред оданочување во 2025 година се намалила за 54 проценти на 8,9 милијарди евра.
Отпуштањата, според плановите на компанијата, ќе влијаат на работниците во Германија и ќе ја опфатат целата група со десет марки автомобили, вклучувајќи ги и луксузните марки на подружниците Ауди и Порше, кои се под притисок од послабата побарувачка, објавува Гардијан.
Реструктуирањето доаѓа во време кога најголемиот европски производител на автомобили се соочува со пад на продажбата во Кина и Северна Америка, како и со царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп за автомобили произведени во странство.
Компанијата во голема мера го припиша падот на профитабилноста на американските царини, но и на трошоците за промена на стратегијата во компанијата Порше.
Оперативната добивка на Порше речиси исчезна во текот на 2025 година, бидејќи падна за дури 98 проценти и изнесуваше само 90 милиони евра.
Фолксваген ги намали производствените цели за електрични возила во последните месеци, вклучително и плановите на неговата италијанска компанија Ламборџини, бидејќи побарувачката за електрични автомобили расте побавно од очекуваното.
Проблемите за Фолксваген започнаа уште пред да бидат воведени американските царини, бидејќи компанијата веќе се соочуваше со слаба побарувачка во Европа и високи трошоци за преминување на електрични возила.
