Фудбалерите на Селтик победија на пенали против градскиот ривал Глазгов Ренџерс во четвртфиналето од Купот на Шкотска (4:2), а по натпреварот навивачите упаднаа на теренот и се судрија меѓусебно.
The full moment Celtic and Rangers fans clashed on the pitch after the FT whistle… pic.twitter.com/IbAHZD7pXT
— george (@StokeyyG2) March 8, 2026
Навивачите на двата тима се симнаа од трибините на стадионот „Иброкс“, а за време на хаосот беа фрлени ракети и се случија неколку судири пред ситуацијата да се стави под контрола.
Селтик го доби пенал-рулетот со 4:2 и со тоа се квалификуваше за полуфиналето, откако натпреварот заврши без голови (0:0). Победничкиот пенал го постигна Томас Цванчара, што предизвика голема прослава кај гостинските навивачи, од кои некои втрчаа на теренот.
Набрзо им се придружија стотици навивачи на Ренџерс, фрлајќи разни предмети, па полицијата и обезбедувањето мораа да формираат заштитен кордон за да го вратат редот.
„Никој не сака да гледа вакви сцени во фудбалот“, изјави тренерот на Ренџерс, Дени Рол, за „Премиер Спортс“.
„Непријатно е. Се надевам дека нема да фрли сенка врз самата игра“, додаде тренерот на Селтик, Мартин О’Нил.
Шкотската фудбалска асоцијација соопшти дека започнала истрага за инцидентот.
„Шкотската фудбалска асоцијација го осудува однесувањето на навивачите кои влегоа на теренот. Истрага ќе биде спроведена веднаш“, се вели во соопштението.
Ривалството меѓу Ренџерс и Селтик, познато како „Олд Фирм“, се смета за едно од најжестоките во светскиот фудбал, при што двата гиганти од Глазгов доминираат на шкотската сцена со децении. Сепак, оваа сезона на врвот на првенството е Хартс, додека Ренџерс и Селтик се обидуваат да ги стигнат.
