Здружението на јавните обвинители бара од пратениците да ја повлечат од дневен ред точката за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, која е предложена на 89-тата седница на Собранието закажана за денеска.
Во итна јавна реакција, донесена врз основа на одлука на Собранието и Извршниот одбор на Здружението од 24 февруари, обвинителите бараат предложените измени да бидат детално преиспитани.
„Јавните обвинители се свесни за економската состојба и потребата од штедење, но согласно закон, платата на јавен обвинител не може да се намали со закон или одлука на државен орган, освен во случај на дисциплинска одговорност“, се наведува во реакцијата.
Оттаму посочуваат дека обвинителите работат во сложени услови, со недоволна материјална и стручна поддршка, а законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години не се исплаќаат. Платите, како што велат, се движат од околу 90.000 до 130.000 денари и се најниски во регионот.
Здружението потсетува дека Уставниот суд веќе повел постапка за оценка на уставноста на претходните измени на законот (У.бр.71/25 од 24.12.2025 година), со кои беа намалени коефициентите и ограничен растот на платите.
Според нив, новите измени дополнително ја продлабочуваат правната несигурност, бидејќи повторно предвидуваат намалување на коефициентите, што директно влијае на висината на платите.
„Сметаме дека ваквото решение е противуставно и незаконито и претставува закана за независноста на јавните обвинители преку економски притисок“, се наведува во реакцијата.
Здружението бара предложената точка да биде повлечена од дневниот ред, а измените да се разгледаат темелно пред да бидат повторно предложени.
