Мора да има жестока реакција, Мицкоски за протестите на граѓаните без дозволи

Од:

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека побарал од полицијата жесток одговор за сите што го прекршиле законот, упатувале закани или го загрозиле јавниот ред и мир за време на вчерашните блокади на патот Битола – Ресен и во Кочанско, каде што се одржаа протести поради функционирањето на системот „Безбеден град“.

„Утрово разговарав со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побарав секој што го прекршил законот, се заканувал или ја загрозил безбедноста на граѓаните да добие соодветен, жесток одговор. Тоа дивеење од вчера не смее да се повтори“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешното чествување на 154-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

На одделни протести во Битолско и Кочанско, групи граѓани палеа гуми, отпад и дрва и ги блокираа коловозите, изразувајќи револт поради одземањето на возила управувани без возачка дозвола. Дел од учесниците на протестите, претежно жители на неколку ромски населби, тврдат дека се дискриминирани, посочувајќи дека поради недоволно образование немаат услови да полагаат за возачка дозвола.