Ќерката на Денис Родман е најплатената фудбалерка во светот

Од:

Американката Тринити Родман, ќерка на поранешниот кошаркар на НБА, Денис Родман, стана најплатената фудбалерка во светот откако потпиша нов тригодишен договор со тимот на Вашингтон Спирит, објави Би-Би-Си.

Тринити Родман стана слободен агент на 31 декември минатата година откако истече нејзиниот претходен договор со клубот од Вашингтон. Според новиот договор, кој важи до крајот на 2028 година, таа ќе заработува два милиони долари по сезона, вклучувајќи ги и бонусите.

„Тешко е да се опише како се чувствувам. Мислам дека ова е пресвртница во женскиот фудбал. Многу сум среќна и благословена“, рече 23-годишната фудбалерка.

Досега, најдобро платена фудбалерка беше Шпанката Аитана Бонмати, играч на Барселона, која три пати беше избирана за најдобра фудбалерка во светот (2023, 2024, 2025).

Во 2021 година, во својата дебитантска сезона во Американската женска фудбалска лига со тимот на Вашингтон Спирит, Тринити Родман ја освои шампионската титула и беше прогласена за дебитант на годината. Таа го имаше своето деби за американската репрезентација во 2022 година и постигна 11 гола во 47 настапи.

На Олимписките игри во Париз во 2024 година, таа го предводеше тимот на САД до златниот медал со три погодоци.

Инаку, нејзиниот татко во својата четиринаесетгодишна НБА кариера играше за Детроит Пистонс, Сан Антонио Спарс, Чикаго Булс, Лос Анџелес Лејкерс и Далас Маверикс и освои пет НБА прстени (два со Пистонс во 1989 и 1990 година, три со Булс во 1996, 1997 и 1998 година).

Седум пати беше прогласен за најдобар скокач во лигата и двапати за дефанзивен играч на годината.