Тендерската мрежа на Доновски е проширена и со други семејни и партнерски фирми, велат од СДСМ

Од:

Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објави нови информации поврзани со фирми кои, според партијата, се дел од поширока мрежа на компании што добивале јавни набавки.

На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Петар Огњеновиќ, информираше дека фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која СДСМ ја поврзува со 51 тендер добиен од општини во вкупна вредност од околу 16 милиони евра, доставила барање до Антикорупцискиот тим на партијата за извинување поради наводно нарушување на угледот.

Според Огњеновиќ, податоците што досега ги објавила СДСМ се јавно достапни и се однесуваат на бројот и вредноста на добиените тендери, како и на ангажманот на одредени лица во изборни органи.

СДСМ денеска изнесе и нови информации за компании поврзани со семејството на Доновски. Како што беше наведено, неговата сопруга Оливера Доновска е сопственичка на три фирми: „Дајмонд инвести“ ДОО Гостивар, „Тргострој“ ДОО Скопје и „Аксес инженеринг груп“ ДОО увоз-извоз Скопје.

„Аксес инженеринг груп“ ДОО увоз-извоз Скопје, според изнесените информации, е основана во март 2019 година заедно со Филип Гулевски, со седиште на булевар „АСНОМ“ во Скопје. Истиот Филип Гулевски, од ноември 2021 година, е сопственик и на фирмата „Аксес констракшн груп“ увоз-извоз Скопје, која е регистрирана на истата адреса.

СДСМ соопшти дека „Аксес констракшн груп“ на 4 декември 2025 година добила тендер за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром, во вредност од 1,1 милион евра, доделен од Министерството за спорт.

Од партијата наведоа дека поставуваат прашања дали постои поврзаност меѓу фирмите и добиените јавни набавки, најавувајќи дека ќе продолжат да објавуваат информации и документи поврзани со случајот.