Бројот на пензионери во Германија кои зависат од социјална помош поради ниските пензии достигна рекордно високо ниво, според податоците на Федералниот завод за статистика, кои медиумите ги објавија денес. Според податоците од крајот на септември 2025 година, 755.300 пензионери во Германија ја примиле таканаречената основна поддршка, вид социјална помош наменета за пензионери чии приходи не можат да ги покријат трошоците за живот.
Прагот за добивање поддршка е 1.062 евра месечно, но се пресметува индивидуално во зависност од реалните трошоци за живот и сојузната држава. Во споредба со истиот период минатата година, бројот на пензионери кои примаат дополнителна државна финансиска помош се зголемил за 25.000. Меѓу нив, жените се застапени над просекот (57 проценти).
Претседателката на левичарската партија BSW, Сара Вагенкнехт, го нарече скандал тоа што се повеќе пензионери во Германија не можат да живеат од сопствена пензија. „Сиромаштијата во староста е веќе огромен проблем во Германија и гледаме дека со текот на времето се влошува“, рече Вагенкнехт.
Една од главните причини за зголемувањето на трошоците за живот е зголемувањето на кириите, кои се зголемија повеќе од двојно во последните десет години во поголемите градови како што е Берлин.
