Во периодот од 2012 до 2017 година во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) никогаш не пристигнале документи со барање за согласност или мислење од кабарето „Пулс“, ниту, пак, било каква пријава од правно или физичко лице за објектот. Ова денеска, во воведниот говор на судењето за трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, го изјави поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, кој ја извршувал функцијата од 2008 до 2017 година.
Салиу посочи дека самиот јавен обвинител потврдил оти ДЗС никогаш не била известена за постоење и работа на „Пулс“, што, како што рече, „представува правно ослободувачка основа“ за него.
„ДЗС не е детективска служба да открива нелегални и нерегистрирани објекти,“ нагласи Салиу.
Тој истакна дека обвинението е правно неосновано, политички мотивирано и изградено врз претпоставки.
„ДЗС не знаела за објектот. Јас не сум знаел. Затоа не може да постои вина кај директорите на ДЗС од 2012 година до 16 март 2025 година, кога се случи пожарот. Ќе докажам дека не сум виновен и дека обвинението е несериозно, неодговорно и незаконски срочено, само со една цел – да бидам незаконски осуден за кривично дело што не постои,“ рече тој.
На почетокот од излагањето, Салиу изрази искрено сочувство до семејствата на загинатите и желба за брзо заздравување на повредените. Потсети дека од неговото заминување од функцијата поминале девет години и дека во меѓувреме институцијата ја раководеле тројца други директори.
„Обвинението ме товари како поранешен директор кој девет години нема никаква фактичка или правна врска со институцијата. Обвинет сум врз основа на претпоставки и политички притисоци, а не на докази,“ додаде тој.
„Не можела ниту Баба Ванѓа да го предвиди тоа“
Салиу го оцени обвинителниот акт како составен од „општи правни поими механички поврзани со управни норми“, при што се тврди дека со непостапување предизвикал пожар.
„Според обвинението, сум бил свесен уште во 2012 година дека ќе се случи настанот од 16 март 2025 година. Ова не можела ниту Баба Ванѓа да го предвиди, а не па јас,“ рече тој.
Тој додаде дека останува на судот да обезбеди објективно, неселективно судење и дека секој обвинет треба да одговара само за личните дејствија.
Одбраната: ДЗС немала надлежност, „Пулс“ бил институционално невидлив
Адвокатот Димитар Дангов истакна дека Салиу не можел да биде одговорен за трагичниот пожар затоа што не бил дел од инспекциските надзори и не се занимавал со технички услови во угостителските објекти.
„ДЗС не знаела за ‘Пулс’. Не можете свесно да ги затворите очите пред нешто што не постои во ваши надлежности. Објектот бил институционално невидлив,“ рече Дангов.
Тој ја оспори логиката на обвинението, кое ја темели вината на „долготраен каузалитет“.
„Ако така размислуваме, тогаш и обвинителството во Кочани и целиот обвинителски систем ја држеле кофата со вода за гасење на пожарот,“ рече адвокатот додека нагласуваше дека „болката не е доказ, емоцијата не е вина“.
Според него, обврските на ДЗС би постоеле само ако „Пулс“ бил легално проектиран, изграден и формално пријавен.
Вториот бранител, Шенај Османов, додаде дека неговиот клиент никогаш не издавал дозволи, не вршел инспекции и не учествувал во ниту една одлука поврзана со објектот.
„Ако под тежината на болката осудиме погрешен човек, ќе создадеме нова трагедија. Не дозволувајте обвинението да се потпира на систем, наместо на поединец,“ рече тој.
Дополнително излагање и на обвинетиот инспектор
Претходно, градежниот инспектор Огнен Георгиев побара дополнување на воведниот збор, посочувајќи дека „нема никаква врска со несреќата“.
„Никогаш не сум бил во објектот, ниту тој бил во моја надлежност. Барам од обвинителството да го преиспита обвинението,“ изјави Георгиев.
