Тим Дејви, генерален директор на Би-Би-Си, и Дебора Тарнс – извршен директор на Би-Би-Си Њуз, поднесоа оставки поради монтажа на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Би-Би-Си се најде во центарот на вниманието откако „Дејли Телеграф“ објави детали за протечена интерна белешка во која се сугерира дека два дела од посебниот говор на Трамп биле споени за да изгледа како тој експлицитно да охрабрува немири на Капитол Хил во јануари 2021 година.
„Направени се неколку грешки и како извршен директор морам да ја преземам крајната одговорност“, рече Дејви во соопштението со кое ја објави својата оставка.
Протечената белешка ја објави Мајкл Прескот, поранешен независен надворешен советник на Одборот за уреднички стандарди на Би-Би-Си. Тој ја напушти таа функција во јуни.
Заминувањето на Дејви по пет години како шеф следува по низа контроверзии околу Би-Би-Си во последните месеци, вклучително и известувањето за музичкиот фестивал Гластонбери.
