Вардар филм – Скопје го реализира едукативниот проект „Различни приказни, заедничко платно“, наменет за деца од различни етнички заедници на возраст од 9 до 13 години. Проектот има за цел да поттикне пријателство, креативна соработка и меѓуетнички дијалог преку заедничка работа во областа на филмската уметност.
Во текот на дводневните активности, како што информира Вардар филм, 20 деца ќе имаат можност да учествуваат во интерактивни филмски работилници каде ќе се запознаат со основите на сценарио, камера, актерска игра и монтажа. Практичниот дел ќе биде под водство на филмски професионалци, а во наставната програма ќе биде користена книгата „Како да се сними филм“ од Радивоје Андриќ, која на едноставен начин ги претставува чекорите во создавањето филм.
-Оваа иницијатива не само што ги едуцира младите, туку и го ревитализира просторот на Вардар филм како активен културен и едукативен центар. Децата ќе развиваат лични сцени и идеи, притоа учејќи за различностите, споделувајќи култура и градејќи пријателства преку универзалниот јазик на филмот, наведува Вардар филм.
