Украинскиот новинар Игор Бурбас предизвика бура во спортската јавност во Украина тврдејќи дека Андриј Шевченко стигнал до врховната позиција претседател на Комитетот за иднината на фудбалот на ФИФА благодарение на блиските врски со Русите.
Во објава тој го критикуваше Шевченко за наводно лобирање од лица поврзани со руските фудбалски кругови, што предизвика бран реакции во Украина.
„Руски претставници се во дури четири комисии на ФИФА, кои се многу поважни од оној што го презеде Шевченко. Тој доби место во комитетот што во суштина беше создаден само за него. Покрај тоа, тој го доби ова место во замена за тоа што не се спротивставува на враќањето на Русија во меѓународниот фудбал“, рече Бурбас во својата презентација, објавува Polish Sport.
Кон средината на октомври, Шевченко беше назначен за претседател на Комитетот за иднината на фудбалот, тело во рамките на ФИФА кое работи на стратешки план за развој на играта во следната деценија.
Тоа е многу престижна, но и политички чувствителна функција, бидејќи вклучува соработка со бројни меѓународни федерации и совети во рамките на фудбалските конфедерации.