„Главниот обвинител Коцевски не може да затвори ниту еден случај на висока корупција затоа што му должи на СДС кариера. Главниот обвинител Коцевски не е самостоен во одлуките, тој секогаш ја има тежината од СДС врз себе, затоа што тие го спасуваа во Собрание. Ниту еден поранешен функционер, кој беше фатен во криминал, а ги има многу, не одговара, и нема правна разрешница, затоа што на главниот обвинител Коцевски СДС му стои на глава“ рече денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Срамота е како главниот обвинител Коцевски смирено ја прими пораката од СДС во Собрание, „со штитот или на него“ и не се обиде ниту да ја осуди или да се огради. Фрапантно е како може главниот обвинител да игра по нотите на политичка партија. Народот има под 2% доверба во обвинителството, а со игнорантскиот однос на Коцевски таа доверба ќе се израмни со 0“ рече Петрушевски.
Според него, „јасно е дека Коцевски ќе седи до крај, и покрај пораките од народот да си оди, тој ќе седи и ќе ги користи своите позиции за СДС. Едно треба да знаат и СДС и главниот обвинител Коцевски, народот точно знае што прават и многу јасно ја виде нивната игра. Одговорност ќе има на избори, а и потоа“.