Трпчески од Рим: Сесловенските просветители ширеле благородна мисија онака како што и музиката тоа го прави

Од:

Пијанистот Симон Трпчески, кој синоќа одржа концерт во Хорти Салустијани во Рим, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, изјави дека од исклучителна важност е што Македонија секоја година се труди да биде присутна, да ги чествува просветителите и да покаже огромна почит за една од базичните работи – описменувањето.

– Многу ми е мило, ова ми е третпат како сум дел од оваа манифестација, веќе помина доста долго време од последниот пат, тоа беше со претседателот Борис Трајковски. Почестен сум за поканата и од државата и од Министерството за култура што имам повторно можност да ја претставам Македонија на една ваква важна манифестација, изјави Трпчески.

Tој додаде дека сесловенските просветители ширеле исклучително значајна благородна мисија онака, како што рече, „како што и музиката тоа го прави“.

– Ние сме држава од каде што практично започнало описменувањето. Така што, од тој аспект, одговорноста е голема. Секоја година државата прави напори, а оваа година бев поканет да настапам, меѓу другото, да бидам претставен и со дел од ‘Македонисимо’. Мене ми импонира особено поради фактот за тоа што претставува самиот проект ‘Македонисимо’“, рече Трпчески.

За импозантната градба на Хорти Салустијани, каде што се одржа концертот, на кој присуствуваше македонската државно-црковна делегација, предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, претставници на дипломатскиот кор, на македонската заедница и голем број италијански граѓани, Трпчески рече дека таквото здание дополнително го инспирира.

– Рим е прекрасен град, многу ми е мило што првпат оваа година имам можност да дојдам во Хорти Салустијани, едно здание што датира од првиот век пред нашата ера, свето место, многу инспиративно, многу интимно, кое навистина доста ни помага на музичарите. Секогаш има некоја специфика и особеност кога просторот ни дозволува да ги рашириме погледите и визиите за интерпретациите во музиката и од тој аспект мислам дека и оваа интима, ваквиот простор ме доинспирира, рече Трпчески.

Според него, програмата што ја претстави, дел класична музика – Чајковски и Григ, дел од „Македонисимо“, беше прекрасно прифатена од публиката.

– Овој интимен дел се наполни и на многу искрен начин целата публика реагираше. Многу ми е мило што видов и членови на дипломатскиот кор, чест ми е што и претседателката и министерот за култура беа тука. Онака, како што би рекле ние, како што е редот да се направи почит за просветителите кои што оставиле голема трага, но и дополнителна одговорност за она како треба ние да продолжиме во иднина. Нека ова биде пример за понатаму, истакна виртуозот Симон Трпчески од Рим.