Врховен суд ја укина пресудата на Васил Јованов за трговија со дрога

Од:

Врховниот суд ја укинал пресудата на скопска Апелација со која Васил Јованов беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици.

Одлуката ја донел Советот за казниви дела при Вроховниот суд на 7. мај.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 05.02.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување“, се наведува во соопштението на Врховен, објавено на веб-страницата на Судот.

Пресудата за ова кривично дело Основниот кривичен суд Скопје го зеде како отежнителна околност при донесуавњето на пресудата и одмерувањето на висината на казната што вчера му ја изрече на Јованов за сообраќајката во која ја прегази Фросина Кулакова.

Васил Јованов е во притвор, кој му беше продолжен вчера, каде ќе остане сè до правосилноста на пресудата за сообраќајката.

Тој беше осуден на 12 години затвор затоа што на крајот од јануари годинава, по дејство на алкохол, без возачка дозвола и со прекумерна брзина, поминувајќи на црвено ја прегази Кулакова на пешачки премин.

Јованов во петокот на рочиште призна вина за сообраќајката.

Семјеството на Фросина жестоко реагираше на висината на пресудата и за денеска најави протест.