Се појави и заштитениот сведок против Бошкоски

Од:

Одбраната на Љубе Бошкоски примила решение дека судот одобрил во случајот за убиството на Марјан Тушевски да се појави заштитен сведок. Адвокатот Владимир Ракочевиќ поднел жалба на вакото решение и не му е јасно зашто се доделува статус на заштитен сведок.

„Донесено е решение за заштитен сведок, поднесовме жалба и чекаме кривичниот совет да одлучи. Не се дадени причини за фактите, конкретно мора да се наведе кој му се заканува, на кој начин, да се види зашто е загрозен тој или неговото семејство. Нема ниту во предлогот на обвинителот ниту во решението наведена конкретна причина, се само фрази се напишани“, изјави адвокатот Владимир Ракочевиќ за А1.

Токму за заштитениот сведок предупредија и од партијата на Бошкоски и од неговото семејство.Тие веќе кажаа дека со него ќе се обидат да направат вмешаност на Љубе Бошкоски, а сведокот кој ќе биде заштитен всушност ќе каже дека слушнал од нарачателот на убиството, дека наводно Љубе Бошкоски му гарантирал излез од Македонија.

Со тоа сметаат од неговото семејство „уште еднаш ќе бидеме сведоци, но сега на уште поголем циркуз во кој Љубе Бошкоски од бранител, преку предавник треба да стане и убиец“.

Одбраната вели дека доколку се појави заштитен сведок кој нешто слушнал тогаш е несериозно да се обвинува Бошкоски, зашто се се сведува на чаршиски муабет. Во случај каде што нарачатолот не е жив, убијците ги нема, а никој од сослушаните не го поврзува Љубе Бошкоски со убиството, нејасно е според нив како ќе го обвинат врз основа на некој што наслупнал нешто. Во таков случај, секој велат може да одговара .

Од партијата на Бошкоски пак тврдат дека сето е монтажа и дека знаеле за заштитениот сведок уште одамна кога се конструирал и монтирал целиот случај.