Чепреганов: Во Македонија сите се прават големи историчари

Од:

„Сите знаат за секој историски настан, за секоја историска личност нешто што вие како историчар не го знаете. И ќе дојдете во дебата било во ресторани, кафеани, секаде имате „историски дебати“ за одредени работи за кои дискутирате со луѓе кои дали прочитале, дали не прочитале, дали нешто знаат за тоа, меѓутоа тие се големи историчари, вели директорот на Институтот за национална историја Тодор Чепреганов во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Како историчар го поддржал проектот „Скопје 2014“, затоа што, вели се работи за проект во којшто се изградија многу споменици кои се однесуваат на историјата на македонскиот народ, но смета дека работите се исполитизираа повеќе отколку што треба, и идејата не била да се покажува македонскиот идентитет, затоа што ако ние сега во 21 век си го докажуваме сопствениот идентитет тоа значи дека нешто не е во ред со нас.

„Идентитетот македонски е идентитет којшто несомнено дека постои и дека тој идентитет се градел низ големиот број на историски настани и востанија, буни, борби што ги имал македонскиот народ. Она што се случи со проектот 2014 мислам дека беше пред се, не докажување на македонскиот идентитет или како што некои милуваат да кажат антиквизација. Сметам дека и поставувањето на споменикот на Тодор Александров, статуата на Симеон Радев, сепак тоа се личности кои во македонската историографија се уште се контраверзни. Требаше пред да дојде до нивно поставување да се направи една поширока дебата пред се во рамките на историската фела “, вели Чепреганов.

Како историчар за прашањето, за промена на името, воопшто не сака да дискутира, затоа штом влезе во разговор за тоа значи веќе размислува за промена на името.

„Мислам дека тоа прашање кое навлегува многу, многу длабоко во идентитетските прашања на македонскиот народ. Денеска во 21 век вие да го промените сопственото име, значи да промените се што досега сте направиле под тоа име. Во историјата се поставуваат многу прашања, многу прашања ќе бидат поставени. Политички тоа може да се направи, некој политичар да го потпише тоа, меѓутоа тоа ќе биде политичка одлука, не историска. Таа одлука историјата ќе ја суди.

И за менувањето на улиците, смета беше потреба консултација со институции коишто се државни институции, како на пример Институт за македонски јазик, Институт за литература, Институт за фолклор, Институт за национална историја, институции кои се занимаваат со тоа и можат да дадат свое мислење. Идеата со броеви место имиња на улиците смета дека можеби тоа е едно од најдобрите решенија, да не се дигаат тензиите во системот.

„Во 21 век кој може да биде патриот,а кој може да биде предавник? Меѓутоа тоа ни се случува. Еве ни се случи пред градско собрание да викаат – Бугари, Бугари!!! На кого? Што треба сега да дојдат другите и да викаат Срби, Срби!? И што правиме? Го враќаме 19 век во Макеоднија, пропагандите? Ова покажува дека сме многу порозни, дека се уште во матрицата имаме нешто што не влече назад, не може на некој празник или на некое чествување да дојде власта, а да нема никој од опозицијата. Што значи тоа? Дека ние не го почитуваме тој празник? Еве сега за Илинден.Државен празник значи да ги обедини сите на едно место и сите граѓни да го имаат истото чувство кон тој настан. Тука сме патриоти, а на другата страна се предавниците. Не, тоа е место каде што сите имаме исто чувство, дека Илинден е празник на сите македонски граѓани, каде што сите македонски политички партии треба да дојдат, без разлика на идеолошките разлики, без разлика на се, да дојдат и да се поклонат на тој настан, затоа што тој настан е врежан во колективната меморија на македонскиот народ. Тоа не се партиски празници, тоа се државни празници“, вели директорот на Институтот за национална историја Тодор Чепреганов во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.