Жерновски: Поразот на изборите ќе го разбуди Груевски од розовиот сон

Од:

„ЛДП е сериозно загрижена за очајната состојба на економијата за што премиерот нема или не сака да има слух“, рече на прес конференција , претседателот на ЛДП, Андреј Жерновски.

Тој опиша како изгледале вчерашните вести објавени во , вели, објективните телевизии во Македонија. На почетокот се емитуваше веста за едочасовниот отчетен говор на премиерот Никола Груевски во кој се пофали со реализирани и започнати проекти, вклучително и вештачката карпа на кејот на Вардар, а потоа следуваа реалните вести: Македонија влегува во рецесија, девет месеци по ред падна индустриското производство (само во првата половина на годината да достигне пад од 6,9%), падна просечната плата, погубна аграрна политика, бизнис заедницата го смета јуни за најнеповолен месец.

Поради ова, вели Жерновски, сите со голема зачуденост и неверување го проследивме обраќањето на премиерот. Граѓаните, рече лидерот на ЛДП, со право, си го поставуваат прашањето: Дали ние и Груевски живееме во истата држава, додека тој се фали и не убедува дека во Македонија сите живeат убаво, во земјава растат сиромаштијата, невработеноста, цените и сметките, казните, долговите, задолженоста, неликвидноста, јавниот долг, бројот на затворени фирми и дуќани, бесперспективноста. Токму поради неговите погрешни политики во изминатите шест години, Македонија стана светски првак во економско-социјална мизерија.

„Дали Премиерот не ја гледа или, пак, не е загрижен за сиромаштијата со која секојдневно се соочени повеќе од една третина од населението, дали не забележува дека животниот стандард на најголем број граѓани го достигна дното, дали не знае за поразителниот факт дека сме први во Европа по број на млади луѓе кои немаат работа, како и оние кои ја напуштаат земјата“ , паша Жерновски.
Веќе пет дена, потсети, премиерот и владата се без коментар за загрижувачката прогноза од ЕБОР за иднината на македонската економија, која предвидува нејзин раст во 2012 за само 0,5 %. Да потсетиме, во мај оваа година растот изнесуваше 1,3%, а за само два месеци се бележи намалување за 0,8%, што претставува најголем пад на прогнозата во споредба со сите други земји од регионот.

ЛДП бара премиерот да излезе и да каже што и како понатаму, да подготви конкретна програма за спас на македонската економија, на која, според сите параметри, и се заканува целосен колапс, јасно да соопшти колкави се неисплатените долгови кон фирмите и во најбрз можен рок да пристапи кон расчистување на тој долг, со што ќе ја спречи растечката општа неликвидност. Повеќе од очигледное дека неговите т.н. антикризни мерки, кој ги промовираше неодамна, се јалови и несериозни.
„Со бесплатни билети за опера и балет за сиромашните, со вработување за само шест месеци, на токму толку месеци пред локалните избори, со возење на комбајн и автобус, не само што не се решава кризата, туку македонската економија неповратно се движи кон целосен крах.Има само еден единствен начин да го разбудиме нашиот премиер од розовиот сон, а тоа е нашиот глас на наредните избори во Република Македонија. Само така, и никако поинаку, тој ќе разбере дека живее во својот виртуелен свет, далеку од оној реалниот во кој живеат останатите 2 милиона граѓани во нашата држава“, рече на прес конференција, лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски.